Девет години подоцна: Раул пак покрај „Јане Сандански“ – спомените веднаш се вратија

Девет години по незаборавниот Келн и освојувањето на првата шампионска круна со Вардар, Шпанецот Раул Гонзалес повторно е во Скопје. Овојпат како тренер на Партизан и селектор на Србија, но само неколку чекори од салата во која го создаде најголемиот успех во својата кариера. За 24Ракомет зборуваше за Вардар, европската титула, Македонија, македонскиот јазик, ПСЖ, новиот проект во Белград и за една едноставна животна филозофија - да не живее ниту во минатото, ниту во иднината.

Раул Гонзалес повторно е во Скопје. Сместен е во хотел „Русија“, веднаш до „Јане Сандански“, салата во која помина години, славеше големи победи и го изгради Вардар што во 2017 година го освои Келн. Денес доаѓа од друга страна. На тренерката пишува Партизан, паралелно ја води и репрезентацијата на Србија, а пред него е сосема нова ракометна приказна.

Но, доволен е еден поглед кон „Јане Сандански“ за да се вратат спомените. Раул и натаму зборува македонски. Не совршено, понекогаш бара збор, понекогаш ја менува конструкцијата, но не сака да се откаже од јазикот што го научи додека беше во Скопје.

И можеби токму тоа најдобро ја објаснува врската што остана меѓу него и Македонија.

„Во оваа сала секогаш имавме успех“

Кога повторно ќе ја види „Јане Сандански“, Гонзалес не се сеќава само на еден натпревар. Се враќа цел еден период.

„Секогаш имавме успех тука. Ја освоивме Лигата на шампионите, ја освојувавме СЕХА лигата, имавме многу добри натпревари и направивме многу добра работа. Јас сум многу задоволен од сето тоа. Мислам дека ‘Јане Сандански’ значи многу за сите луѓе што беа дел од Вардар во тоа време. Имавме големи натпревари тука, големи победи. Се сеќавам дека имавме моменти кога од реваншите во оваа сала зависеше дали ќе продолжиме понатаму, дали ќе одиме на Ф4. Победувавме големи екипи. Ја победивме Барселона, го победивме ПСЖ, а потоа станавме и европски шампиони. Нормално е кога ќе се вратам тука да се чувствувам многу добро.“

Во 2017 година Вардар не замина во Келн како главен фаворит. Два натпревари подоцна беше европски шампион. Барселона падна во полуфиналето, ПСЖ во финалето, а и двата натпревари беа решени во последните секунди.

Што имаше Вардар што не можеше да се купи?

Денес, кога ќе се погледне составот од 2017 година, лесно е да се зборува само за квалитетот на играчите. Раул, сепак, прво зборува за нешто друго – време и трпение.

„Имавме континуитет. Го имавме Самсоненко, кој инвестираше многу пари, но не е доволно само да инвестираш. Треба да најдеш добри играчи, треба да работиш добро и, најважно, треба да имаш трпение. Во првата година бевме многу блиску до Ф4, но не успеавме. Беше тешко. Потоа, малку по малку, Вардар стануваше подобар. Имавме добра екипа, добри играчи и работевме многу. Не можеш сè да направиш веднаш. Треба време. Кога конечно ќе стигнеш до најголемиот успех, во тој момент се чувствуваш неверојатно. Мислиш дека си направил нешто огромно. Но, потоа продолжува животот. Не можеш засекогаш да останеш во тој момент, вели Гонзалез.

Токму таа реченица добро го опишува Раул денес. 2017 година е најголемата страница во неговата тренерска кариера, но не сака да живее само од неа.

„Во Македонија научив многу – и како тренер и како човек“

Во Скопје Раул не ја освои само Лигата на шампионите. Тука првпат самостојно водеше голем проект, работеше со играчи од различни земји, учеше нов јазик и почна да го разбира балканскиот начин на живот.

Македонија, признава, го промени.

„Кога ќе бидете опкружени со различни тренери и различни играчи, секогаш учите нешто. Не мора да одите во училиште за да учите. Учите секој ден од луѓето со кои работите. Кога дојдов во Македонија, се чувствував многу добро и научив многу. Не само за ракометот. Учев за луѓето, за начинот на живот, почнав да учам и македонски. Кога можете да го зборувате јазикот, многу полесно можете да се чувствувате како дел од средината. За мене беше многу важно да зборувам македонски со играчите. Англискиот не ми беше добар и македонскиот многу ми помогна. Зборував македонски цел ден, секој ден. Одлична работа направи мојата учителка Сања, секој ден имавме по 1-2 часа. Така учев. Кога живеете тука и постојано слушате и зборувате, малку по малку почнувате да го разбирате јазикот и луѓето.“

Тоа не било само практично решение за комуникацијата. Со текот на времето, јазикот станал еден од начините да се намали дистанцата меѓу тренерот и соблекувалната.

Раул престанал да биде само Шпанецот што дошол да го тренира Вардар. Станал дел од екипата и од градот.

Врската од Келн остана – „Со сите сум во контакт“

Од шампионската генерација поминаа девет години. Играчите се расфрлани низ Европа, дел веќе не играат, некои се тренери, други се во сосема нови улоги.

Но, врската не исчезнала.

„Со сите сум во контакт. Не се слушаме секој ден, нормално, затоа што немам многу време, а и тие имаат свои обврски. Но, кога имаме можност, се гледаме и разговараме. Кога сум тука можам да се видам со Стоилов, со другите. Со сите имав многу добар однос. Се слушам и гледам со сите кога имам можност, вели Гонзалес.

За таква екипа не е важно само како играчите тренираат или како играат. Внатре во соблекувалната има многу работа што луѓето не ја гледаат. Многу е важно да имаш добри луѓе, да имаш добар капитен, луѓе што знаат како треба да се однесува екипата. А тоа беше Стоилов, беше вистински капитен, смета Гонзалес.

Раул не сака да издвои само еден човек од таа генерација. За него, суштината била токму во тоа што сите имале своја улога.

Заминувањето во ПСЖ: „Прво сакав да му објаснам на Самсоненко“

Со Сергеј Самсоненко имал однос кој бил многу повеќе од класичната врска сопственик-тренер. Затоа, кога дошло време да го напушти Скопје и да замине во ПСЖ, сакал одлуката лично да му ја објасни.

„Самсоненко и јас имавме многу добра врска. Работевме добро заедно и тоа за мене беше важно. Кога решив дека сакам да одам во Париз, за мене беше многу важно прво да разговарам со него и да му објаснам зошто ја носам таа одлука. Не сакав работите да се направат на друг начин. Кога со некого сте работеле толку години, имате доверба и заедно сте направиле големи резултати, треба да разговарате директно.“

По Вардар следуваше сосема поинаков свет. Од екипа која во 2017 година ја изненади Европа, Раул премина во клуб од кој Европа секоја година очекуваше титула.

Македонија како репрезентација – „Сите тука знаат ракомет“

Гонзалес не беше само тренер на Вардар. Беше и селектор на Македонија и водеше генерација со Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Борко Ристовски, Дејан Манасков и уште многу искусни репрезентативци.

Денес признава дека не успева детално да ја следи Македонија, бидејќи најголемиот дел од времето му е посветен на Србија и на анализата на противниците што ја очекуваат неговата селекција. Но, добро се сеќава на сопствениот период на македонската клупа.

„Сега не ја гледам Македонија колку што би сакал, затоа што со Србија имаме многу работа. Треба да ги гледаме нашите противници, нашата група, да се подготвуваме и немаме многу време. Но, знам како работат, знам дека Кире работи многу и дека екипата сака да оди напред. Кога јас бев селектор, имавме добри моменти. Победувавме силни репрезентации, имавме натпревари во кои игравме добро, минувавме групи и имавме шанса да направиме нешто повеќе. Но, во одреден момент немавме доволно играчи на некои позиции за да можеме да го направиме следниот чекор. Репрезентативниот ракомет е таков. Немате многу време. Треба за многу кратко време да направите екипа и да бидете подготвени“, смета Гонзалес.

А да се биде селектор во Македонија значи и да се работи во средина во која речиси секој има мислење за ракометот. На Раул тоа никогаш не му пречело.

„Сите знаат ракомет“, вели со насмевка. „Но, тоа не е моја работа. Моја работа е да бидам фокусиран на екипата, на играчите, на тоа како треба да играме и како треба да се подготвиме. Што мислат луѓето не ми пречи. Јас разбирам зошто е така. Во Македонија многу го сакаат ракометот, постојано го гледаат, разговараат за него и нормално е секој да има свое мислење.

Тоа е дел од ракометната култура овде.“

Од Вардар во ПСЖ – притисокот не исчезнува

Можеби на хартија изгледа дека притисокот во ПСЖ морал да биде многу поголем. Огромни имиња, огромен буџет и само една вистинска цел – европската титула. Раул не гледа толку голема разлика.

„За мене беше слично. Кога бев во Македонија, Вардар беше најголемата екипа и мораше да победува. Кога стигнав во Париз, Вардар веќе беше европски шампион, а ПСЖ сакаше да стане европски шампион. Секогаш кога сте во голем клуб имате притисок. Треба добро да тренирате, треба да победувате, треба постојано да покажувате дека сте на ниво. Во Париз имавме големи играчи, имавме услови, имавме многу добри сезони. Неколкупати игравме на Ф4. Бевме блиску, имавме шанси, но не успеавме да ја освоиме Лигата на шампионите. Не сакам да кажам дека имало само една причина зошто не успеавме. Тоа не би било точно. Имаше различни моменти, различни сезони, различни ситуации. Игравме добро, стигнувавме многу далеку, но титулата не дојде. Тоа е спортот., вели Гонзлаес.

Партизан – „Не можеш за четири месеци да направиш сè“

По Париз следува нов почеток. Партизан има традиција, публика и голема желба повторно да се врати на европската мапа, но Раул не сака да продава приказна за инстант успех. Неговиот збор повторно е истиот како во времето на Вардар – трпение.

„Тоа е нов проект. На почетокот секогаш е тешко. Имате нов тренер, нов систем, нови играчи и треба сите да се запознаат меѓу себе. Не можеш за четири месеци да направиш нешто што други екипи го градат со години. Не функционира така. Треба да имаме трпение, треба да имаме добри играчи и малку по малку Партизан треба да оди нагоре. Сите сакаат веднаш победа, но на крајот само една екипа може да биде прва. Треба да работиме. Треба подобро да се запознаваме, да тренираме и да видиме до каде можеме да стигнеме. Сите сакаат резултат веднаш. Секаде е така. Но, за да направите вистинска екипа, потребно е време.“

Но, Партизан е на самиот почеток на подготовките.

„Заедно сме само неколку недели. Многу е рано да кажеме како ќе изгледа сè. Она што го гледам е дека играчите имаат мотивација и имаат голема желба. Сега треба малку по малку да почнеме да изгледаме како екипа.“

Србија има играчи – сега треба да направи екипа

Раул денес има двојна улога во Србија. Го води Партизан, но истовремено е и селектор на репрезентацијата. Србија со години произведува играчи за најсилните европски клубови, но репрезентативните резултати не го следат секогаш индивидуалниот потенцијал.

За Гонзалес, одговорот е јасен.

„Треба да играме како екипа. Не можеме да се споредуваме со Данска, Франција или Германија ако гледаме само колку играчи имаат тие на највисоко ниво. Тие имаат огромен избор на репрезентативци. Ние можеме да победиме и против Германија, можеме да играме со секого, но за тоа мораме да бидеме 100 проценти како екипа. Ако не сме, тогаш е многу тешко. Имаме добри играчи, имаме и нови играчи, но понекогаш ако недостига некој важен, како Лазар Кукиќ на пример, тогаш веднаш имаме проблем бидејќи немаме огромен број ракометари на секоја позиција што играат на највисоко ниво. Затоа треба да направиме нешто како екипа. Можеби нешто поинакво. Да бидеме тим кој знае точно што сака и кој максимално го користи тоа што го има.“

Зошто Балканот му одговара? „Многу е слично на Шпанија“

Македонија, Србија, Шпанија… Кога разговорот ќе се тргне од тактиката и резултатите, Раул многу лесно ја објаснува врската со Балканот. Таа не е само ракометна.

„Мене ми е многу добро и во Србија, многу добро ми беше во Македонија, а нормално добро се чувствувам и во Шпанија. Ми се допаѓа животот овде. Сакам да одам во ресторан, ми се допаѓа како се јаде, како луѓето се дружат, како се живее. Тоа многу ме потсетува на Шпанија. Можеби затоа и никогаш немав проблем да живеам во Македонија или сега во Србија. Начинот на живот ми одговара и се чувствувам удобно.“

За човек роден во Шпанија, кој помина голем дел од кариерата меѓу Скопје, Париз и Белград, зборот „дома“ очигледно одамна не значи само една адреса.

„Не сакам да мислам ниту на минатото, ниту на тоа што ќе биде“

Раул ја има европската титула. Го има Келн. Ги има Вардар, ПСЖ, Македонија, Србија, а сега и новиот проект со Партизан. Сепак, кога ќе го прашате што уште треба да направи за еден ден да каже дека е целосно задоволен од кариерата, не зборува за уште една Лига на шампионите.

Одговорот е сосема поинаков.

„Не сакам да мислам на тоа што се случило претходно. И не сакам ниту една секунда да размислувам што ќе се случи потоа. За мене постои денес. Тоа е тоа. Не знаеме што ќе се случи утре. Треба секој ден повторно да почнеме и да работиме. Минатото е завршено, резултатите се таму, но сега има нова работа. Јас така размислувам.“

Можеби токму затоа враќањето во Скопје не го претвора во долга носталгија. Со задоволство зборува за 2017 година, за играчите, за Самсоненко и за „Јане Сандански“. Но, веќе следната реченица е за Партизан.

За следниот тренинг. За она што треба да го направи денес.

Што би му кажал на Раул кој првпат дошол во Скопје?

На крајот, го вративме во 2014 година. Пред него е Раул кој штотуку пристигнал во Македонија. Не го знае јазикот, не знае каков ќе стане Вардар и не може ни да претпостави што ќе се случи три години подоцна во Келн.

Што би му кажал денешниот Раул?

„Не можеш да знаеш што ќе се случи. Кога работиш како тренер, никогаш не можеш однапред да знаеш каде ќе бидеш – во Вардар, во Париз, во Србија, во Партизан… Не можеш да го знаеш тоа. Треба да учиш и треба да работиш. Ако можев да му кажам на тој Раул што ќе се случи во Македонија, ќе му кажев дека ќе биде многу добро.

И можеби за Раул Гонзалес и Скопје не е потребна подолга реченица од таа.

Беше супер.