РК Струга продолжува со сериозното екипирање за новата сезона. Нов член на стружани е Мартин Манасков, кој со клубот договори соработка на една сезона. Искусниот лев бек е уште едно звучно македонско име во составот на Божидар Мојсов и практично десетто засилување за Струга во летниот преоден рок.
Манасков има 32 години, висок е 189 сантиметри и зад себе има долго искуство во македонската Супер лига, но и свежо интернационално искуство од Австрија. Тој е син на прославениот Пепи Манасков и брат на Дејан Манасков.
Минатата сезона Мартин ја започна како ракометар на Тиквеш, каде настапуваше од 2023 година и мина две и пол сезони. Манасков во март замина во Австрија и потпиша за Алпла Хард. За седумкратниот австриски шампион настапуваше во завршниот дел од сезоната 2025/26, а договорот беше со важност до летото.
Манасков потекнува од Велес, а во сениорскиот ракомет се афирмираше преку Металург. Подоцна настапуваше за Вардар Јуниор, Пролет, Охрид, Бутел Скопје и Тиквеш, пред пролетва за првпат да се проба надвор од Македонија во дресот на Алпла Хард.
Има и репрезентативно искуство, а низ годините важеше за бек кој може да покрие повеќе позиции во надворешната линија. Неговото искуство треба дополнително да ја зголеми конкуренцијата во бековската линија на Струга, која летово практично создаде нов тим.
Доаѓањето на Манасков има и една интересна врска со Струга која трае повеќе од четири децении. Неговиот татко Пепи Манасков во 1983 година, како 18-годишник, токму на турнирот во Струга го запишал дебито за сениорскиот тим на Пелистер.
Случајноста е уште поголема бидејќи во 2013 година и Мартин на истиот турнир го имаше своето деби за првата екипа на Металург. Тогаш Металург на стартот од турнирот ја совлада Струга со 30-14, а токму младиот Мартин Манасков беше најефикасен на натпреварот со шест гола.
Тринаесет години подоцна приказната добива ново продолжение. Овојпат Манасков не доаѓа во Струга како член на друга екипа и учесник на турнирот, туку треба да го облече дресот на домашниот клуб.
Стружани летово беа меѓу најактивните клубови на домашниот трансфер-пазар. Пред Манасков, клубот ги донесе Марио Танкоски, Мице Шилегов, Костадин Петров, Дарко Георгиевски, Пеце Рајатоски, Мартин Јовановски, Христијан Крстаноски, Предраг Родиќ и Никола Јукиќ.
По летото во кое тимот беше создаван практично од почеток, амбициите покрај Црн Дрим очигледно се многу поголеми од само борба за опстанок.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























