ОХРИД 2026: Славиќ по вториот трофеј – Ова беше само загревање, вистинските натпревари допрва почнуваат

Дино Славиќ продолжи со одличните настапи во дресот на Охрид. Откако беше прогласен за најдобар голман на турнирот во Струга, хрватскиот чувар на мрежата доби уште едно индивидуално признание, а Охрид за седум дена освои и втор трофеј. Славиќ, сепак, ја смирува еуфоријата - подготовките завршуваат, а вистинските битки допрва следуваат.

Охрид го освои и турнирот „Крсте Андоновски“, откако во финалето повторно го совлада Вардар. За Дино Славиќ тоа беше уште еден успешен турнир – по признанието за најдобар голман во Струга, следуваше нов индивидуален трофеј, но и уште еден пехар со екипата.

По финалето Славиќ зборуваше за исцрпувачкиот ритам, двете победи над Вардар и она што ги очекува охриѓани за само две недели – нов дуел со истиот ривал, овојпат во Суперкупот.

„Пред сè, честитки за Вардар за навистина фер и коректната борба. Не знам колку овој натпревар беше квалитетен, затоа што практично може да се состави цела екипа од повредените играчи. И Вардар и ние имавме огромен број натпревари – тие одиграа осум, ние седум во десет дена. Мислам дека тоа е навистина малку премногу. На крајот славевме со два гола разлика, иако ниту ние, ниту тие не бевме во комплетен состав. Некако успеавме да го извлечеме натпреварот и да победиме. Меѓутоа, ова сè уште е подготвителен период и мислам дека овие резултати не значат многу. За две недели нè очекува Суперкупот и мислам дека дури тогаш ќе се покаже кој во каква форма се наоѓа.“

Како и во Струга, така и во Охрид, Дино Славиќ беше избран за МВП на турнирот.

„Што се однесува до мене, навистина сум среќен. Втор турнир по ред сум прогласен за најдобар голман, но морам да ѝ се заблагодарам на екипата. Одбраната навистина многу ми помогна и на овој турнир, исто како и во Струга, така што еден голем дел од ова признание оди и на нив. Навистина добро почнавме, и индивидуално и како екипа, но повторно ќе кажам – ова се само подготовки.“

Исто како и лани, така и сега Охрид и освои Струшкиот турнир и турнирот „Крсте Андоновски“.

„Добро почнавме, но вистинските натпревари дури сега доаѓаат. Сега ни почнува Регионалната лига, потоа го имаме Супер Купот, а во првото коло од првенството го пречекуваме Еурофарм Пелистер. Значи, дури сега почнуваат вистинските натпревари. Ова што го игравме досега беше некакво загревање за она што следува.“

На Вардар ретко му се случува да загуби од иста екипа двапати по ред за седум дена, а двете екипи ќе имаат и трето соочување за кратко време во Гевгелија.

„Како што кажав, на Вардар денес му недостигаа многу играчи. Не знам точно колку, можеби седум, осум, десет… Не беше тоа истиот Вардар што го видовме во Струга. Мислам дека во Струга беа покомплетни и многу посилни. Што се однесува до Суперкупот, нормално дека и ние ќе одиме на победа. Ќе видиме што ќе се случи.“

Охрид пред дуелот од Супер Купот го очекуваат пресметки од Регионалната лига и гостувања кај Будва и Динамо Панчево.