ОХРИД 2026: Хорват – Си одиме задоволни и со многу научени лекции

Загреб го заврши првиот настап на турнирот „Крсте Андоновски“ со третото место, откако во последниот натпревар се врати од шест гола негатива против Тримо Требње и славеше по пенали, 29-27 (24-24). За тренерот Хрвоје Хорват пласманот е во втор план - многу поважно е што силните противници во Охрид му ги покажале сите слабости што треба да се поправат пред Лигата на шампионите.

Хрватскиот шампион во последниот натпревар мораше да се враќа од голема негатива против Тримо Требње, стигна до израмнување, а потоа во пенал-серијата го обезбеди местото на подиумот и славеше со 29-27.

За тренерот Хрвоје Хорват, сепак, конечниот пласман не е најважното нешто што Загреб го носи од Охрид.

„Резултатот е трето место и тоа е во ред, коректно. Сигурно дојдовме на турнирот со желба да победуваме, но резултатот за нас е секундарен. Гледавме од натпревар во натпревар да изгледаме подобро и да научиме некои работи“, изјави Хорват.

Силните ривали ги открија слабостите

За Загреб овие пет дена беа пред сè подготовка за далеку поважните натпревари што доаѓаат.

Хорват во Охрид експериментираше и со одбраната 5-1, а доби јасна слика што функционира, а што сè уште треба да се поправи.

„Многу ја вежбавме зоната 5-1. Се гледа дека тука сè уште има дупки и работи што треба да ги поправиме. Ова беше одличен турнир со феноменални екипи кои точно ни покажаа каде се наоѓаме во овој момент“, вели Хорват.

Особено важни биле натпреварите против екипи кои не дозволуваат грешките да останат незабележани.

„Видовме дека имаме уште простор за напредок во враќањето во одбрана. Зоната 5-1 сè уште не е доволно густа и подвижна. А најтешко е да се добие нападот – таму ни недостига тајминг и реализација“, анализира Хорват.

„Не сме имале ниту доволно шутерски тренинзи“

Хорват не е загрижен поради бројот на промашени удари што ги имаше Загреб во дел од натпреварите.

Екипата сè уште е во средината на подготвителниот процес.

„Реално, сè уште немавме ниту многу шутерски тренинзи. Затоа одреден број промашувања на овој турнир беа и очекувани. Но кога играш против вакви екипи, тие веднаш ти ги покажуваат сите дупки“, вели тренерот на Загреб.

И токму во тоа ја гледа вредноста на настапот во Охрид.

„Ќе имаме многу добар материјал за работа пред почетокот на Лигата на шампионите. Ова беше добра проверка, игравме против добри екипи и многу научивме“, додава Хорват.

„Поминавме пет прекрасни дена во Охрид“

Како и Тамше, и Хорват го заврши турнирот со многу позитивни зборови за домаќинот и организацијата. За Загреб ова беше прво учество на „Крсте Андоновски“.

„Организацијата беше навистина многу добра, натпреварите беа одлични. Поминавме овде пет многу убави дена. Бевме одлично пречекани и можам да кажам дека задоволни си заминуваме од Охрид“, изјави Хорват.

За организаторите тоа е уште една силна оценка од клуб кој со години е редовен учесник во Лигата на шампионите и кој во подготвителниот период има можност да избира меѓу голем број турнири.

Третото место го донесе карактерот

Последниот натпревар беше и добар тест за карактерот на Загреб. Тримо водеше со шест разлика, но Хрватите не се откажаа. Постепено ја топеа негативата, стигнаа до израмнување и на крајот го добија мечот по пенали. Хорват смета дека во тој дел повеќе од тактиката пресудила психологијата.

„Тука повеќе психологијата играше улога отколку ракометот. Успеавме да покажеме карактер во тие тешки моменти. Момците во второто полувреме го извлекоа максимумот од себе“, вели Хорват.

Сепак, жали што екипата не го имала истиот пристап од самиот почеток.

„Жал ми е што не почнавме така. Но долго сме на пат и беше очекувано во одреден момент да дојде ваков пад, особено по емотивното празнење по натпреварот со Охрид“, додава Хорват.

Целите на Загреб не се кријат

Турнирот заврши, а сега почнува периодот во кој Загреб треба да го претвори наученото во резултат. На домашната сцена нема дилеми што се очекува од хрватскиот гигант.

„Целите во Загреб секогаш се јасни и тука нема што да криеме. Во домашното првенство сакаме и понатаму да доминираме“, вели Хорват.

Предизвикот во Европа ќе биде многу поголем.

„Имаме предизвикувачка група во Лигата на шампионите. Ќе одиме чекор по чекор“, додава тренерот на Загреб.

Од Охрид си заминува со третото место, но уште поважно – со голем број информации за својата екипа.