Поранешниот македонски репрезентативец и ракометар на Вардар, а денес менаџер, Марко Вукчевиќ, отворено зборуваше за трансферниот пазар, платите во Македонија, младите играчи и клубовите што ќе се борат за титулата. Тој ја нарече Македонија своја втора татковина, издвои две големи надежи на македонскиот ракомет и објасни зошто преголемата желба за пари може да уништи кариера.
Марко Вукчевиќ го познава ракометот од повеќе различни страни. Беше играч, го носеше дресот на Вардар и настапуваше за младата македонската репрезентација во 2007, потоа кратко работеше и како тренер, а денес ги советува ракометарите при најважните одлуки во нивните кариери.
Токму тоа искуство му овозможува поинаку да гледа на трансфер пазарoт. Не само низ договорите, платите и провизиите, туку и низ она што еден играч го чувствува кога останува без минутажа, живее во лоши услови, се соочува со повреда или мора да избира меѓу парите и вистинската средина за напредок.
Во разговорот за 24Ракомет, Вукчевиќ зборуваше за промените во менаџерската работа, лигите што доминираат на пазарот, македонските клубови, младите надежи, необичните барања во договорите и за својата посебна врска со Вардар и Михајло Михајловски.
„Пред десет години беше многу полесно да продадеш играч“
Интернетот, статистиката и видеоанализата им ја олеснија работата на клубовите, но истовремено им ја отежнаа на менаџерите. Денес секој клуб може веднаш да го провери играчот што му е понуден, да ги види неговите последни натпревари и да ја анализира неговата форма.
Вукчевиќ смета дека во минатото било многу полесно да се создаде добра слика за играчот преку внимателно избрани видеоснимки.
„Мое мислење е дека пред десет години беше многу полесно да продадеш играч отколку денес. Тогаш немаше толку статистика и онлајн видеоанализа, а сега сè е достапно. Кога сè е достапно, многу е потешко некому да му продадеш играч. Порано можеше да направиш хајлајтс или видеоанализа со снимки што се две или три години стари и на тој начин да го претставиш играчот. Денес тоа повеќе не може да помине. Играчот мора да има добра актуелна статистика и мора да поседува сè што е потребно за трансферот навистина да се реализира.“
Младите прво треба да изберат тренер и минутажа, а потоа пари
Не е исто кога понуда избира играч на почетокот од кариерата и ракометар кој веќе има 27 или 28 години, а сè уште не успеал да стигне до највисокото ниво. Вукчевиќ ги советува младите ракометари да не ја гледаат само финансиската понуда. За нив многу поважни треба да бидат тренерот, минутажата и можноста за развој.
„Сè зависи од тоа за каков играч станува збор. Дали е млад, дали е во средните играчки години или е пред крајот на кариерата. На младите играчи им советувам прво да изберат добар клуб во кој ќе имаат минутажа, а пред сè добар тренер. На почетокот парите не треба да бидат најважни. Тие ќе дојдат подоцна. Но, ако играчот веќе има 26, 27 или 28 години, а не успеал да го направи посакуваниот чекор кон највисокото ракометно ниво, тогаш мојот совет е да размислува и во насока да заработи повеќе. Секоја возраст носи различни приоритети.“

„Македонија во моментов е најдобриот пазар за играчи“
Кога станува збор за најсилните првенства, Вукчевиќ на прво место ја поставува Бундес лигата, пред Франција и Данска. Посебно ја издвојува Втората Бундес лига, за која смета дека е една од најтешките лиги за играње во светот. Сепак, кога се зборува за комбинацијата од добри финансиски услови, можност за напредок и европски натпревари, тој ја поставува Македонија многу високо.
„Според мене, Бундес лигата е најсилна, Франција е втора, а Данска трета. Но, Втората Бундес лига можеби е најтешката лига на светот за играње и може да биде четврта на таа листа. Таму има многу физички доминантни ракометари за кои голем дел од јавноста во Европа воопшто не знае. Кога гледам натпревари од Втората Бундес лига поради некој мој играч, забележувам многу ракометари кои можат да настапуваат во најдобрите балкански клубови, како Загреб или Вардар. Но, клубовите од регионот ретко размислуваат да донесат играч директно од Втората Бундеслига.“
Според Вукчевиќ, Унгарија во последните години беше можеби најдобра според финансиските услови за играчите, но по сите случувања не е сигурен дали ќе остане така. Романија оди горе-долу, Шпанија тешко дека повторно ќе се издигне на поранешното ниво, додека во Португалија има само неколку сериозни клубови.
„Искрено, за мене Македонија во моментов е најдобриот пазар за играчите. Ако го погледнеме европскиот рејтинг на Вардар и Еурофарм Пелистер, реално е секој играч да сака да дојде во овие клубови. Тука може да напредува, да се продаде понатаму и подоцна да заработува многу повеќе. Тука е и Охрид, кој вложува многу средства, но Охрид бара готови и докажани ракометари, а не неискусни играчи.“
Голманите се најбарани и најлесно се продаваат
На трансферниот пазар секогаш има позиции што се бараат повеќе од другите. Во моментов, според Вукчевиќ, најголема вредност имаат квалитетните голмани.
„Според мене, најбарани се голманите. Тие се најважниот дел, главниот шраф на екипата. Кога тренерот создава тим, прво треба да се посвети на голманот, средниот бек и пивотот. Тоа е едно старо правило што сум го научил од други луѓе во ракометот и се придржувам до него. Голманите навистина се на цена и најлесно можат да се продадат. Во моментов имам тројца одлични млади голмани од генерацијата 2004. Лео Бергман, австриски репрезентативец кој беше прогласен за најдобар голман во Европа и според статистиката беше најдобар голман на Светското првенство, потоа Тин Херцег од Ерланген и Никола Зориќ. Верувам дека се работи за тројца навистина добри голмани.“
Вукчевиќ прво го гледа играчот на загревањето
Статистиката може да покаже колку голови постигнал еден ракометар и каква му е реализацијата, но не може целосно да го покаже неговиот карактер.
Кога следи млад играч во живо, Вукчевиќ не го гледа само натпреварот. Неговата проценка започнува многу порано – уште на загревањето.
„Сакам прво да ја видам статистиката, а потоа да дојдам и да го погледнам играчот во живо. Кога сум во сала, прво се концентрирам на загревањето. Гледам како се загрева, дали е фокусиран, дали правилно ги извршува работите и како се однесува. Кај млад играч карактерот треба да се забележи уште од првата топка. Треба да видам дека има начин на размислување со кој сака да успее, но и дека сака да успее на вистински начин, како професионален спортист. Тоа е првото нешто што ме привлекува како менаџер за да започнам соработка, вели Вукчевиќ.
Потоа задолжително се запознаават родителите.
„Родителите се многу важни, бидејќи кога ќе седнете со нив, веднаш можете да видите што може да донесе тоа дете во иднина. Играчот можеби нема добра статистика или многу голови, но ако се бори, се фрла по секоја топка, игра добра одбрана и носи паметни одлуки во нападот, тогаш тоа се карактеристики што можат да ми го привлечат вниманието и без импресивни бројки.“
Од играчките повреди до тренерската работа
Вукчевиќ ја заврши играчката кариера на 29 години. Вели дека поминал повеќе време на операциска маса отколку на теренот, но токму тешките моменти денес му помагаат подобро да ги разбере играчите што ги застапува.
Сепак, за скаутингот повеќе му помогнало искуството како тренер во Партизан.
„Многу ми помага тоа што сум бил играч. Кариерата ја завршив на 29 години и практично повеќе време поминав на операциска маса отколку на теренот. Тоа искуство денес ми помага кога моите играчи имаат проблеми со повреди, бидејќи знам низ што минуваат и буквално сочувствувам со нив. За скаутирањето многу повеќе ми помогна тоа што една и пол година бев тренер во Партизан. Кога од ракометар ќе станете тренер, почнувате да го гледате ракометот од сосема поинаква димензија. Тогаш многу подобро можете да го процените играчот. Искуството како играч ми помага и за другите работи. Знам што значи да немаш добар стан, квалитетна храна или соодветни услови во салата. Поминав низ многу такви работи и затоа знам што му е потребно на играчот.“

Талентот се гледа на 16 или 17 години, но никој не може да ја предвиди целата кариера
За разлика од фудбалот, во ракометот потешко може уште во најрана возраст да се предвиди кој играч ќе стигне до европскиот врв.
„Во ракометот не може премногу рано да се направи сигурна проценка. Тоа не е како во фудбалот, каде што вложувањата се многу поголеми. Според мене, на 16 или 17 години веќе може да се забележи многу, а на 18 или 19 години играчот може добро да се скаутира и да се процени дали има потенцијал. Имам добри искуства со тоа и верувам дека на таа возраст можам да препознаам квалитет. Но, кариерата и спортскиот живот носат повреди и многу непредвидливи работи, па никогаш не можеме да знаеме кој до каде ќе стигне.“
Најголемата опасност за младите играчи, според Вукчевиќ, не е недостатокот на талент, туку желбата веднаш да добијат голем договор. Во тоа често влијаат и луѓето од нивната околина.
„Преголемата желба за пари е сериозен проблем кај младите играчи. Тука влијаат и околината и родителите. Кога ќе ги запознаете родителите, веднаш ќе видите како играчот размислува за парите и зошто на 18, 19 или 20 години бара плата од 4.000 или 5.000 евра месечно. Најголем проблем е што младите мислат дека треба да имаат големи договори уште на почетокот од кариерата, а токму тоа не им е потребно. Сè треба да има свој редослед и кариерата треба да се гради чекор по чекор.
Неговиот најдобар пример е Лазар Кукиќ кој бил прв играч во агенцијата на Вукчевиќ.
„Тој во Партизан играше речиси без пари. Потоа заминавме во Ла Риоха за многу мал договор и таму одигра три сезони. Следуваше Бенфика за повеќе пари, потоа Динамо Букурешт за многу поголем договор, а потоа и ПИК Сегед. Тоа постојано им го раскажувам на моите играчи. Сè доаѓа постепено. Со Лазар имам однос како да сме браќа, бидејќи тој е мојот прв играч и нашиот однос одамна е повеќе од деловен. Кога изби војната во Украина, неговиот договор со Мешков Брест автоматски беше раскинат. Тогаш имавме избор – да остане во Бенфика за повеќе пари или да замине во Динамо Букурешт, да игра во Лигата на шампионите и да го тренира Чави Пасквал. Ја избравме подобрата спортска приказна.“
Дамјан Митев и Иван Галевски се иднината на македонскиот ракомет
Запрашан кој македонски играч може да направи сериозен трансфер во странство, Вукчевиќ го издвои Дамјан Митев. Покрај него, посебно го истакна и младиот голман Иван Галевски.
„Дамјан Митев има карактер, пред сè. Разговарав со него два или трипати во живо и забележав дека има начин на размислување на играч кој сака да успее. Имам многу информации за него. Сè уште не сум му пристапил како менаџер, но никогаш не се знае. Можеби еден ден ќе соработуваме. Не знам дали веќе има менаџер. Знам дека неговиот постар брат има, но мислам дека Дамјан може да стане навистина добар играч. Секако, потребно му е време да созрее. Другото име е голманот Иван Галевски. Мислам дека тој е светлата иднина на македонскиот ракомет. Македонија имала голмани на високо ниво, а тука е и Никола Митревски, кој е мој добар пријател. За Галевски мислам дека може да стигне многу далеку доколку Македонија има трпение со него. Во моментов нема подобар млад македонски голман. Верувам дека во својата генерација е меѓу три до пет најдобри голмани во Европа. Тој талент треба внимателно да се негува.“

„Кога бев играч, јас бев можеби најтешкиот клиент“
Неговите играчи, вели Вукчевиќ, немаат премногу необични барања. Најчесто се разговара за автомобилот и финансиските услови. Но, признава дека тој самиот бил многу потежок за соработка како ракометар.
„Секогаш има барања. Играчите сакаат подобар автомобил, но тоа е веќе стандардно. Моите играчи не се премногу тешки и немам некоја посебно чудна приказна поврзана со нив. Парите секогаш ги бараат, но јас бев многу повеќе кога играв. Можеби јас бев најлошиот клиент. Кога настапував во Саудиска Арабија, барав сè и сешто – куќа со базен, возач и многу други работи. На крајот ми понудија пари и сè друго, но ми кажаа дека куќа со базен не може да добијам. Јас им одговорив дека тогаш не сакам. Таков бев како играч.“
Вукчевиќ смета дека младиот играч не може сам да ја процени секоја понуда што ќе ја добие. Посебно е опасно кога на почетокот од кариерата ќе се појави финансиски силна понуда од средина што можеби не е добра за неговиот развој.
„Секој играч во 2026 година треба да има свој менаџер од 18 години. Цврсто стојам зад тоа мислење и имам аргументи. Вистинскиот менаџер треба да му го избере вистинскиот клуб. Како играч од 18 години самиот ќе знае кој клуб е вистински за него? Може веднаш да тргне по парите. На пример, голем талент од Србија или Македонија може да добие понуда од 5-6.000 илјади евра месечно од Романија. Ако сам или со родителите одлучува, најверојатно веднаш ќе замине. Затоа менаџерот треба да биде со играчот од 18 години и правилно да го насочува. Треба да постои договор, бидејќи договорот е сериозна работа и ја покажува лојалноста. Во односот меѓу играчот и менаџерот мора да има лојалност. Кога ќе се појави клуб, младиот играч тешко може самиот да преговара. Менаџерот има искуство и знае како да разговара со клубот.“
Колку заработуваат странците во Македонија?
Според проценката на Вукчевиќ, најплатените странски ракометари во четирите водечки македонски клубови можат да заработуваат од 12.000 до 15.000 евра месечно. Просекот е значително понизок.
„Мислам дека најплатениот странец во Македонија заработува околу 12.000 евра нето месечно. Можно е некој да има и 15.000 евра, но немам точни информации за сите договори. Ако зборуваме за странците во четирите водечки клубови, би рекол дека просечната плата е меѓу 5.000 и 6.000 евра, односно околу 5.000 евра месечно. Тоа е добра плата за условите во Македонија. Другите клубови немаат толку големи буџети и мислам дека тешко можат да одат многу над 3.000 евра. Ова не го кажувам како точен податок, туку како моја проценка и чувство за пазарот.“
„Сите ќе се борат за второто место – реално знаеме кој ќе биде прв“
Новата сезона во Македонија, според Вукчевиќ, ќе биде исклучително интересна. Тој очекува сериозна конкуренција Охрид и Еурофарм Пелистер, но Вардар го гледа како прв фаворит.
„Ова ќе биде навистина интересна сезона. Единствен клуб што сè уште не сум го гледал доволно и за кој немам многу информации е Еурофарм Пелистер. Ќе го гледам и тогаш ќе можам подобро да проценам. Кире Лазаров направи добар потег со тоа што доведе габаритни играчи кои можат да одговорат и во одбраната и во нападот. Ќе бидат сериозни. Ако Иван Галевски биде на потребното ниво, имам чувство дека оваа сезона може да експлодира, бидејќи пред себе ќе има подобра одбрана. За Вардар нема што многу да се зборува. Ќе игра во Лигата на шампионите и ќе биде активен на повеќе фронтови, но на крајот, како и сите други, ќе се фокусира и на домашното првенство. Тука е и Охрид со Борис Ројевиќ, кого јас го доведов во клубот. Тој секогаш оди на највисоките цели. Мислам дека сите ќе се борат за второто место. Кој ќе биде прв е прашање, но реално знаеме – Вардар е прв фаворит.“

„Михајло е посебен човек во мојата кариера“
Вукчевиќ го носеше дресот на Вардар од 2007 до 2009 година, а во истиот период настапуваше и за македонската репрезентација. Тие години ги опишува како најдобрите од својата спортска кариера.
„Се сеќавам на сè. Михајло Михајловски е посебен човек во мојата кариера. Во тие три години во Вардар научив многу. Периодот од 2007 до 2009 година со Вардар и македонската репрезентација веројатно беа моите најдобри години во спортската кариера. Тогаш немав вистински менаџер или ментор, некој што ќе ми удри шлаканица и ќе ми каже: ‘Молчи, работи, тренирај и не комплицирај. Сè ќе дојде на свое место, ќе дојдат и парите’. Бев нетрпелив, иако не барав премногу пари. Но, тогаш беше друго време. Мислам дека најголемиот договор во Вардар во 2007 година беше околу 40.000 евра годишно. Михајло ме прифати и како менаџер, но пред сè ме прифати затоа што сум негов поранешен играч. Имам огромна почит кон него. Кога ќе дојде во Белград, ме пречекува, а кога сум во Скопје секогаш му се јавувам. Михајло е човек кому мора да му се јавите по победа на Вардар. Ако не се јавите, ќе имате проблем. Неколкупати не му се јавив, мислејќи дека Вардар победил и дека нема што многу да разговараме. Ја научив лекцијата. Сега по секоја важна победа морам да го повикам и да разговарам со него.“
„Срдановиќ можеше да остане десет години во Вардар“
Вукчевиќ бил дел и од доаѓањето на Марко Срдановиќ во Вардар. Тој смета дека српското крило можело долго да остане во Скопје, но одлуката да замине во Војводина била донесена во момент кога српскиот клуб изгледал како исклучително стабилен проект.
„Му кажав на Марко Срдановиќ дека треба да остане уште една година во Вардар и дека клубот ќе оди по нагорна линија. Но, во тој момент Војводина беше во одлична ситуација и можеби беше најорганизираниот клуб на Балканот. Владан Матиќ ја презеде Војводина, а претходно го тренираше Срдановиќ во Металопластика. Тој го направи важниот дел од преговорите и го убеди Марко да замине. Но, верувајте ми, доколку тогаш останеше во Вардар, мислам дека ќе останеше уште десет години и таму ќе ја завршеше кариерата. Се надевам дека Михајло можеби ќе се предомисли и еден ден ќе го врати.“
„На пазарот повеќе нема слободни бомби“
На почетокот од сезоната е тешко да се најават големи трансфери, бидејќи најголемиот дел од квалитетните играчи веќе имаат клубови.
Вукчевиќ со интерес очекува да види дали Еурофарм Пелистер дополнително ќе реагира на пазарот.
„Тешко е сега да зборуваме за следниот голем трансфер, бидејќи сезоните штотуку почнаа. Ако ме прашавте во јануари, можеби веднаш ќе ви кажев три големи трансфери што се подготвуваат. Во моментов најголемиот дел од играчите веќе имаат клубови. Ме интересира како ќе реагира Еурофарм Пелистер, дали ќе доведе нови странци и какви засилувања ќе побара. Но, колку што знам, на пазарот повеќе нема слободни трансфер-бомби.“























