Вардар убедливо го отвори настапот на „Крсте Андоновски“, а Јака Малус верува дека „црвено-црните“ можат да одат до крај во Охрид. Словенечкиот среден бек постепено ја крева и сопствената форма, а по првиот меч испрати јасна порака - Вардар на секој турнир оди со желба да освојува.
Вардар со убедлива победа против Олимпијакос го започна настапот на петтото издание на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид, а еден од играчите кои треба да имаат важна улога во продолжението е Јака Малус. Словенечкиот интернационалец немаше голема минутажа на сите натпревари на претходниот турнир во Струга, но во Охрид постепено се враќа во ритамот и формата по која беше препознатлив минатата сезона.
За Малус, сепак, најважен е тимот.
„За екипата можам да кажам – Вардар е Вардар и секогаш сака да освојува титули“, вели Малус.
Вардар во Струга стигна до завршната битка, но не успеа да го освои пехарот. Тоа поглавје, според Малус, веќе е затворено.
„Целта во Струга беше да го освоиме турнирот. Не се случи, не го освоивме, но одиме понатаму. Пред нас е нов турнир, го отворивме добро и целта е да го освоиме овој турнир“, порачува средниот бек на Вардар.
Вардар во Охрид го чека уште посилна конкуренција отколку во Струга. Во групната фаза покрај Олимпијакос, „црвено-црните“ ќе имаат сериозни проверки и против Нексе и Тримо Требње, а потоа следува натпреварот за конечен пласман.
View this post on Instagram
Но Малус не сака да бара изговори ниту во силните противници, ниту во густиот ритам. За него токму ваквите натпревари треба да покажат колку вреди Вардар во овој момент.
„Тежок е ритамот, но ние го сакаме тоа. Ќе има стрес, ќе има притисок, но кога играш за Вардар тоа е нормално. Тука ќе видиме кој е најдобар и зошто Вардар треба да биде најдобар“, вели Малус.
Притисокот е дел од дресот на Вардар. Речиси идентична порака претходно испрати и тренерот Иван Чупиќ. Турнирите служат за воигрување, тестирање на различни комбинации и кревање на формата, но победничкиот менталитет останува ист.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























