Поранешниот ракометар на Вардар, Матија Николиќ, повторно игра во Македонија, но сега во дресот на Олимпијакос. Грчкиот шампион беше убедливо поразен на стартот на „Крсте Андоновски“, но српскиот бек смета дека конечната разлика не е вистинска слика за односот на силите.
Матија Николиќ повторно се сретна со Вардар, но овојпат од спротивната страна. Поранешниот „црвено-црн“ бек летово се пресели од Војводина во Олимпијакос, а првиот натпревар на грчкиот тим на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид му донесе дуел токму со неговиот поранешен клуб.
Вардар славеше убедливо со 39-27, откако уште во првото полувреме создаде двоцифрена предност и на паузата водеше со 22-11. Николиќ признава дека поразот е убедлив, но смета дека разликата од 12 гола не ја отсликува реално разликата меѓу двете екипи.
„Имавме многу промашени зицери. Убедлив е поразот, но мислам дека разликата е нереална. Вардар има добра екипа и одигра добар натпревар“, вели Николиќ.
Една од причините за ваквиот старт Николиќ ја гледа и во различната фаза од подготовките во која се наоѓаат двете екипи. Вардар зад себе веќе има неколку контролни и турнирски натпревари, додека Олимпијакос допрва треба да го фати потребниот ритам.
„Вардар веќе има пет-шест пријателски натпревари. Ние немаме толку многу натпревари зад нас. Сега останува да се воиграме како што треба“, истакна Николиќ.
Токму затоа во грчкиот табор нема место за паника по првиот натпревар во Охрид. За Олимпијакос турнирот треба да послужи за воигрување на новиот состав и за подигнување на формата пред почетокот на официјалните обврски.
„Првенството ни почнува на 19 септември и до тогаш треба максимално да се подготвиме“, вели поранешниот вардарец.
По мечот со Вардар, Олимпијакос ќе има уште две средби во групната фаза – против Тримо Требње и Нексе, а потоа ќе игра и натпревар за конечен пласман на турнирот.
За Николиќ поголемиот дел од противниците во Охрид не се непознаница. Долго време играше во регионот, го носеше дресот на Вардар, а минатата сезона беше дел од Војводина. Летово се пресели во грчкиот шампион Олимпијакос.
View this post on Instagram
Токму познавањето на балканските екипи може да биде дополнителен плус за неговиот нов тим во продолжението на турнирот. Но за Олимпијакос Охрид е само почеток на долгата сезона.
Кога станува збор за амбициите во новиот клуб, Николиќ не остава простор за дилема. Од Олимпијакос секоја сезона се очекуваат трофеи, а така ќе биде и во 2026/27.
„Сите трофеи се цел за следната сезона – Купот, Суперкупот и титулата. Исто така и ЕХФ Купот. Сите трофеи се во игра и ќе дадеме сè од себе да ги освоиме“, порача Николиќ.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























