Охрид рутински против младите „фараони“ – победнички старт за бранителот на трофејот

Бранителот на трофејот на турнирот „Крсте Андоновски“, екипата на Охрид, стартуваше со победа. Избраниците на Борис Ројевиќ со рутинска игра успеаја да го совладаат националниот тим на Египет до 20 години со 31-27.

Охрид поведе со 4-1 по одбраните на Ѓорѓески и имаше повеќепати залиха од четири до пет гола, но не искористи четири напади за да стигне до највисоки шест, па затоа следуваше казна.

Три грешки во нападот по ред и младите „фараони“ погодија во серија за 13-11, па Ројевиќ мораше да бара тајм-аут. Савревски ја прекина лошата серија и погоди за 15-12 на паузата.

Имаше многу ротации во домашниот состав, јасно беше дека се игра само за победата и не беше важно со колку голови разлика ќе биде остварена. Стратегот Ројевиќ пред турнирот најави дека никој од ракометарите нема да одигра четири меча и нема да биде преоптоварен пред двете средби од Регионалната лига.

Дојдоа младите ракометари од Египет во вториот дел на минус еден, но пивотот Лиапис имаше клучна улога, во одбраната, а во нападот даде два гола и Охрид на десетина минути до крајот отиде на 26-23.

Тогаш и Блажески фати една топка, Кеита беше прецизен и на пет минути до крајот домаќините можеа да бидат мирни со залиха од пет гола. Утре ги чека нов предизвик на турнирот „Крсте Андоновски“, дуелот со Војводина, кој исто така ќе се бодува и за Регионалната лига.