Ракометните федерации на Србија, Македонија и Словенија официјално поднесоа заедничка кандидатура за организација на машкото ЕП 2034. Тоа што беше објавено одамна, денеска го потврдија трите федерации.
Трите земји со богата ракометна традиција ги здружија силите со јасна амбиција заеднички да бидат домаќини на еден од најголемите настани во европскиот ракомет.
Сите три федерации ја истакнуваат својата целосна подготвеност во процесот на кандидатурата и евентуалната организација на првенството во целост да ги почитуваат правилата и насоките на Европската ракометна федерацијa, како и да ги исполнат сите неопходни организациски, инфраструктурни и други услови за одржување на натпреварувањето на највисоко ниво.
„За мене претставува посебна чест и задоволство што Ракометната федерација на Македонија прави уште еден значаен чекор напред и што, заедно со ракометните федерации на Србија и Словенија, учествува во заедничката кандидатура за организација на машкото ЕП 2034. Верувам дека сите три федерации, со своето богато искуство, капацитети и ракометна традиција, ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на Европската ракометна федерација и успешно да организираат Европско првенство на највисоко ниво. Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вкоренет во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека тоа останува така. За нас оваа кандидатура е можност за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани. Се надеваме дека нашата заедничка кандидатура ќе ја добие довербата и дека во 2034 година, заедно со Србија и Словенија, ќе бидеме успешни домаќини на ЕП“, истакна првиот човек на македонскиот ракомет, Александар Стефанов.
Македонија досега беше организатор на многу ракометни настани во сите конкуренции, па нема сомнеж дека доколку ЕХФ го додели ова ЕП на трите земји, ќе има одлично организиран континентален шампионат.

























