Младата македонска ракометарка Варвара Атанасовска го напушти Скопје и се пресели во Љубљана, каде што ќе го продолжи своето образование, но и ракометниот развој во младинскиот погон на словенечкиот гигант Крим.
Станува збор за еден од најпознатите женски ракометни клубови во Европа. Крим е двократен европски шампион, со долга традиција на настапи во Лигата на шампионите, а клубот има и развиен младински погон со екипи во повеќе возрасни категории.
Атанасовска игра на позицијата десен бек и е левак, профил на играч кој секогаш е интересен за клубовите.
Минатата сезона ја започна во Вардар. Беше дел и од пионерската репрезентација на Македонија, а нејзините настапи во црвено-црниот дрес не останаа незабележани. Во октомври 2025 година беше меѓу повиканите ракометарки на селективните тренинзи на пионерската репрезентација, како член на Вардар.
Во вториот дел од сезоната Атанасовска се пресели во Ѓорче Петров, каде продолжи да настапува и да се развива во една од најсилните средини за млади ракометарки во Македонија.
Во меѓувреме направи чекор напред и на репрезентативен план. Од пионерска, оваа година стана и кадетска репрезентативка на Македонија.
Токму по нејзините настапи за националниот тим пристигнал интересот од Крим. Во новата сезона ќе настапува за младинките на Крим, а планот е нејзиниот развој внимателно да се следи. Доколку продолжи во посакуван правец, постои можност во иднина да стигне и до професионален договор.
Македонскиот ракомет ќе следи дали уште една наша надеж, која многу рано се реши да излезе од домашната средина, ќе успее да го искористи својот талент и шансата што ја добива во еден од најпознатите европски женски клубови.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________
























