Сериозен хендикеп на стартот од последната фаза на подготовките доживеа Нант, противникот на Вардар во групната фаза од ЕХФ Лигата на шампионите.
Францускиот тим гостуваше во Унгарија, каде што го одигра првиот контролен натпревар против ПИК Сегед. Сепак, дуелот донесе лоши вести за Нант, бидејќи еден од клучните играчи, Тибо Брие, по само неколку минути мораше да го напушти теренот.
Според информациите на француските медиуми, Брие заработил дислокација на палецот на раката и веќе се вратил во Франција, каде што ќе биде подложен на операција.
Првичните проценки се дека искусниот ракометар ќе биде надвор од терените меѓу шест и 12 недели, што значи дека неговото учество на гостувањето во Скопје е сериозно доведено во прашање.
Нант на 16 септември ќе гостува кај Вардар во Скопје, во рамките на второто коло од Лигата на шампионите. Доколку се потврдат проценките за должината на паузата, Брие сигурно нема да биде во составот на францускиот тим за овој натпревар.
Станува збор за сериозен удар за Нант, бидејќи Брие е еден од лидерите на тимот и важен фактор и во одбраната и во нападот.


























