Дувњак го најави враќањето дома – по 18 години може повторно да заигра во Хрватска

Легендарниот Домогој Дувњак има договор со Кил до летото 2027 година, а потоа планира со семејството да се врати во Хрватска. Дали таму ќе одигра уште некоја сезона или ќе започне нова улога во ракометот, засега останува отворено.

Домагој Дувњак полека влегува во последниот дел од една голема играчка кариера, но сè уште не е подготвен целосно да се раздели со ракометот.

Капитенот на Кил најави дека по истекот на договорот во 2027 година планира со семејството да се врати во Хрватска, каде можеби ќе продолжи да игра уште неколку сезони.

Дувњак ја напушти татковината во 2009 година, кога од Загреб се пресели во Хамбург. Таму остана пет сезони, а од 2014 година го носи дресот на Кил, каде стана еден од најважните играчи и најдолговечниот капитен во историјата на германскиот гигант.

Сега, по речиси две децении во Германија, желбата за враќање дома станува сè посилна.

„Планот е да се вратиме во Хрватска. Ни недостига татковината, многу долго сме во Германија“, изјави Дувњак.

Неговиот актуелен договор со Кил истекува на 30 јуни 2027 година. Тој тогаш ќе има 39 години, но не ја исклучува можноста кариерата да ја продолжи уште извесен период.

Дувњак не откри дали веќе постои конкретна понуда од хрватски клуб. Сепак, неговата изјава веднаш ја отвори можноста еден од најголемите хрватски ракометари повторно да заигра во домашното првенство, првпат по заминувањето од Загреб во 2009 година.

Одлуката ќе зависи од тоа како ќе се чувствува физички и дали и натаму ќе ја има истата желба за натпреварување. Пред продолжувањето на договорот со Кил тој порача дека сè уште ужива во играта, а германскиот клуб смета дека неговото присуство е исклучително важно и на теренот и во соблекувалната.

Но и ако не продолжи како играч, Дувњак сака да остане дел од ракометот.

Тој признава дека спортот му дал многу и дека би бил среќен кога дел од своето искуство би можел да му го врати на ракометот. Засега не размислува конкретно за тренерска или раководна функција, но не ја затвора ниту таа врата.

Кариерата на Дувњак веќе одамна има место меѓу најголемите во современиот ракомет. Со Хамбург и Кил ја освојуваше Лигата на шампионите, беше германски шампион и освојувач на домашните купови, а со Хрватска освои осум медали на светските и европските првенства, како и олимписка бронза.

Од репрезентацијата се прости како рекордер по бројот на настапи и голови, по освоеното сребро на Светското првенство во 2025 година.

Сега пред него е уште една сезона во Кил. А потоа следува одлуката – дали враќањето во Хрватска ќе биде само враќање дома или и последно поглавје од неговата голема играчка кариера.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________