Поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Ненад Белистојаноски од ова лето е дел од првиот тим на Еурофарм Пелистер, откако со своите настапи во Еурофарм Пелистер 2 заслужи шанса да се докаже и во првата екипа.
Десното крило веќе ги започна подготовките со екипата предводена од трофејниот стратег Лино Червар, а по првиот тренинг истакна дека е подготвен за новиот предизвик и дека амбициите на тимот се највисоки.
„Мислам дека сум физички подготвен за новиот предизвик. Се чувствувам многу убаво со првиот тим на Еурофарм Пелистер, со сите репрезентативци и Лино Червар како тренер. Подготвен сум да го дадам максимумот. Нашите очекувања како тим се високи, одиме да ја вратиме титулата во Битола. Тренираме напорно, па успехот ќе дојде“, изјави Белистојаноски.
Прилепчанецот во изминатите сезони беше еден од најдобрите играчи на Еурофарм Пелистер 2, а добрите партии му донесоа промоција во сениорскиот состав.
Во новата сезона ќе се обиде да се наметне во силната конкуренција со Џелиловиќ и Хекбарт и да придонесе во борбата на битолскиот клуб за трофеи на домашната сцена и успешен настап во Лигата на Европа.

























