Струга продолжува да склопува конкурентен тим за враќањето во Супер лигата. По Рајатоски, Крстаноски, Јовановски, Танкоски, Шилегов и Петров, во градот на Црн Дрим пристигнува и искусниот бек Дарко Георгиевски Оса.
По враќањето на Марио Танкоски, кој е капиталното засилување за новата сезона, ангажманот на Мице Шилегов и доаѓањето на пивотот Костадин Петров, камбекот на Христијан Крстаноски, како и искусниот двоец од Битола – Пеце Рајатоски и Мартин Јовановски, Струга сега добива уште еден ракометар со богата кариера и сериозно искуство.
Георгиевски доаѓа во клубот во вистински момент. Струга доби шанса повторно да игра во Супер лигата, а сега мора брзо да состави тим што нема само да биде учесник, туку ќе може да биде конкурентен против секој ривал.
Станува збор за ракометар кој потекнува од Вардар, а во Македонија настапуваше и за Охрид, Куманово и Пелистер. Во странство има богато искуство од Франција, каде ги носеше дресовите на Ланесте, Анже, Белфор и Хенебон, потоа играше за Диферданж од Луксембург и за босанската Слобода Тузла.
Последните две сезони ги мина во Грција, каде настапуваше за ПАОК од Солун и Верија. Тоа искуство треба да биде голем плус за Струга, бидејќи Георгиевски е играч што знае да одговори на различни улоги, да помогне во нападот и да донесе стабилност во бековската линија.
За стружани ова е уште еден јасен сигнал дека клубот не сака враќањето во елитата да го дочека неподготвен. Танкоски треба да биде лидер и организатор на играта, Шилегов носи брзина и искуство на крило, Петров цврстина на шест метри, а Георгиевски дополнителен квалитет и поливалентност во бековската линија.
Струга има традиција, публика и ракометна средина што знае да препознае борбен тим. Клубот покрај Црн Дрим и Охридското Езеро сега гради ростер што треба да биде далеку посериозен од обична екипа за опстанок.
Пред стартот на подготовките, Струга испраќа силна порака – во новата сезона сака да биде стабилна, конкурентна и незгодна за секого.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























