Еден од најголемите норвешки ракометни таленти, Цилјан Сагосен, и официјално го напушта Берген. По неколкунеделната трансфер сага, 18-годишниот репрезентативец кариерата ќе ја продолжи во данскиот Бјерингбро Силкеборг.
Раководството на Берген потврди дека е постигнат договор со данскиот клуб околу обештетувањето за младиот бек, а според ТВ2, вредноста на трансферот може да достигне и до еден милион норвешки круни (oколу 100.000 евра).
Сагосен уште ова лето ќе му се приклучи на новиот клуб и ќе настапува во данската лига веќе од сезоната 2026/27.
Во текот на јуни Берген сакаше да го задржи својот бисер и му понуди долгорочен договор, иако тој веќе имаше важечки договор на уште две години. Сепак, младиот ракометар ја активираше клаузулата за предвремен раскин поради незадоволство, со намера да се врати во поранешниот клуб Шарлотенлунд.
Берген се спротивстави на тој потег, а случајот заврши и пред Ракометната федерација на Норвешка, која тогаш пресуди во корист на клубот. По дополнителни преговори, двете страни сепак најдоа заеднички јазик и договорија трансфер во Бјерингбро Силкеборг.
Цилјан Сагосен годинава го имаше и своето деби за сениорската репрезентација на Норвешка. На 16 мај настапи на натпреварот против Турција, заедно со својот постар брат Сандер Сагосен, при што го постигна и првиот гол во националниот тим.
Зад него е одлична сезона во дресот на Берген, со кој клубот го освои третото место во норвешкиот шампионат, зад Колстад и Елверум. Младиот бек беше еден од најдобрите стрелци во лигата со 153 погодоци во сезоната 2025/26.
Со трансферот во Бјерингбро Силкеборг, Цилјан Сагосен ќе добие можност за нов чекор во развојот и прво интернационално искуство, во клуб кој традиционално им дава шанса на младите и перспективни ракометари.

























