Втор „охриѓанец“ се сели во АЕК Атина!

Грчкиот вицешампион АЕК Атина продолжува со засилувањата за новата сезона. Клубот го претстави хрватскиот бек Рудолф Звонимир Шафранко, кој во минатото настапуваше и во македонската Супер лига во дресот на Охрид.

26-годишниот Шафранко, висок 192 сантиметри, игра на позициите среден и лев бек. Интернационалната кариера ја започна во словенечка Добова, потоа настапуваше за швајцарскиот ТВ Молин, а во 2023 година се пресели во Охрид.

Во дресот на охридскиот клуб беше дел и од настапите во ЕХФ Европскиот куп во сезоната 2024/25, пред минатата сезона да ја помине во австрискиот Холабрун. Шафранко има настапи и за младинските репрезентации на Хрватска.

Со ангажманот на Шафранко, АЕК добива дополнителна ширина во бековската линија во пресрет на новата сезона, во која грчкиот тим ќе атакува на домашните трофеи и добар настап на европската сцена. Претходно потпис на договорот стави уште еден екс член на Охрид, средниот бек Хироки Мацуока.