Тренерскиот штаб на Ѓорче Петров на обука кај двократниот европски шампион

Тренерот на ЖРК Ѓорче Петров, Славиша Димитријески, и неговиот помошник Ангел Велков се на десетдневна посета во Будуќност, каде ќе собираат искуство од еден од најголемите женски клубови во Европа.

Стручниот штаб на ЖРК Ѓорче Петров ја користи паузата за нешто што може да биде подеднакво важно како и секое засилување во ростерот – знаење, искуство и работа во систем што со години создава врвни ракометарки.

Новиот тренер на македонскиот шампион, Славиша Димитријески, заедно со помошникот Ангел Велков, се на десетдневна посета, обука и размена на искуства во Подгорица, кај екипата на Будуќност. Целта е да се види одблиску како функционира еден европски женски ракометен великан, како се работи во тренажен процес, како се поставува системот и дел од тие искуства потоа да се пренесат во Ѓорче Петров.

Ова не е случајна посета. Ѓорче Петров во последните сезони израсна во најстабилен женски клуб во Македонија, освојуваше домашни трофеи, настапуваше во Европа и постепено создаваше имиџ на клуб што сака да направи исчекор и надвор од домашните рамки.

Ѓорчепетровки минатата сезона ја завршија со двојна круна, откако ја освоија и Куп-титулата, со што уште еднаш ја потврдија доминацијата во домашниот женски ракомет. Во следната сезона клубот го очекуваат нови предизвици – одбрана на домашните трофеи, настап во Лига Европа и градење тим што ќе мора да биде конкурентен на повеќе фронтови.

Во тој процес важна улога треба да има Димитријески. Тој претходно беше дел од стручниот штаб на Ѓорче Петров, работеше и во младинските категории, а е и селектор на женската пионерска репрезентација на Македонија. Сега добива поголема одговорност – да го води сениорскиот состав на клуб што веќе има шампионски карактер, но сака да направи уште еден чекор напред.

Ангел Велков е едно од најпрепознатливите имиња во приказната на Ѓорче Петров. Заедно со Милева Велкова, со години е дел од клубот, и како дел од организациската структура и како тренерска поддршка во системот што го врати Ѓорче Петров меѓу најсилните женски клубови во Македонија.

За тренерски штаб што презема шампионски тим, ваква обука може да биде од огромно значење. Во Подгорица, Димитријески и Велков ќе имаат можност да видат како се работи со играчки од различни возрасни категории, како се организира тренингот, како се гради ритам во сезона со повеќе натпреварувања и како клуб со голема традиција ја одржува културата на победување.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________