Ново поглавје во кариерата: Стојановски се сели во Италија!

Левиот бек Томче Стојановски за првпат во својата кариера ќе настапува надвор од границите на Македонија.

26-годишниот Стојановски во Италија пристигнува по сезоната мината во дресот на Тиквеш, а претходно беше дел и од Вардар, со кој во сезоната 2024/25 го освои Купот на Македонија.

Најголемиот дел од својата кариера го мина во Бутел Скопје, каде што настапуваше седум сезони и се афирмираше како еден од најдобрите дефанзивци во домашното првенство. Беше дел од Ол-Стар тимот на 24Ракомет и беше избран за најдобар дефанзивец во сезоната 2022/23.

Во Рајмонд Сасари, Стојановски ќе работи под водство на тренерот Ратко Ѓурковиќ, а клубот има големи амбиции и во новата сезона повторно да се бори за шампионската титула во Италија.

По потписот на договорот, македонскиот интернационалец не го криеше задоволството.

„Страста што ја почувствував кај сите што ми зборуваа за овој клуб и за градот беше главната причина поради која се решив да дојдам. Тимот минатата сезона играше во финалето на шампионатот, а во спортот секогаш мора да се стремиш кон подобро. Нашата цел е повторно да стигнеме до финалето и овојпат да ја освоиме шампионската титула, за која клубот работи уште од своето основање“, изјави Стојановски.

Со овој трансфер, Стојановски за првпат во кариерата ќе настапува надвор од Македонија, а Рајмонд Сасари добива ракометар кој е препознатлив по својата цврста игра во одбраната и големата борбеност.