Данскиот суперлигаш Холстебро нема да може да смета на своето ново засилување Бенедикт Оскарсон на стартот од подготовките за новата сезона.
23-годишниот исландски среден бек доживеал необична и сериозна несреќа за време на летниот одмор, кога бил погоден во главата од голф-топче.
Ударот предизвикал сериозни последици, поради што Оскарсон целосно ја изгубил функцијата на десната рака и морал четири дена да остане на болничко лекување.
Во моментов, младиот ракометар се наоѓа на Исланд, каде што е во процес на рехабилитација под надзор на медицински тим. Засега не е познато кога ќе може да им се приклучи на новите соиграчи во Холстебро.
Тренерот на Холстебро, Арнор Атласон, откри дека клубот е во постојан контакт со својот ракометар.
„Во овој момент единствено ни е важно Бенедикт целосно да закрепне. Тој е во сигурни раце на Исланд, постепено напредува и чувството во десната рака од ден на ден се подобрува. Рехабилитацијата е во полн ек и прима третмани трипати неделно. Внимателно ја следиме неговата состојба и се надеваме на најдоброто“, изјави Атласон.
Иако првичните информации се охрабрувачки и состојбата на Оскарсон се подобрува, неговото враќање на терените ќе зависи од текот на рехабилитацијата и лекарските проценки.
























