Пак ќе се бара вајлд-карта: Македонија и во 2027/28 без директно место во ЛШ!

Македонскиот првак во претстојната сезона нема да добие директно место во Лигата на шампионите во сезоната 2027/28.

Европската ракометна федерација го објави клупски рејтинг на федерациите за сите купови за сезоната 2027/28 – Лига на шампиони, Лига на Европа и ЕХФ Европски Куп, а Македонија за влакно не влезе меѓу сигурните федерации чиј шампион ќе игра директно во најелитната конкуренција.

Македонија се наоѓа на 11 место со коефициент 30.67, зад Норвешка, која е пред нас со коефициент 34.67. Ранкингот е направен врз основа на резултатите од сезоните 2023/24, 2024/25 и 2025/26. Македонија иако напредуваше за една позиција во однос на претходниот ранкинг, сепак тоа не беше доволно за влез во ТОП 10.

За претстојната сезона Вардар доби вајлд-карта од Виена, а претходните три сезони ист беше случајот со Еурофарм Пелистер.

И во сезоната 2027/28 ќе учествуваат 24 екипи, кои ќе бидат поделени во шест групи со по четири тима, според форматот што беше воведен за претстојната сезона.

Бројот на федерации со загарантирано место останува непроменет. По едно сигурно место во елитното натпреварување ќе имаат Шпанија, Германија, Данска, Франција, Унгарија, Полска, Португалија, Романија, Хрватска и Норвешка.

Секоја од десетте федерации со загарантирано место има можност да побара по две вајлд-карти од Лигата на Европа во Лигата на шампионите, а најмногу осум клубови ќе добијат место во елитното натпреварување.

Дополнително, максимум четири места се резервирани за клубови од федерации кои немаат директно загарантирано место во Лигата на шампионите, меѓу кои и за Македонија, а преостанатите позиции ќе бидат пополнети по одлука на ЕХФ.