Сигурдсон: Битола ја има една од најжешките арени во Европа – ќе биде возбудливо!

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер денеска ја дозна групата во Лигата на Европа. Битолчани ќе се соочат со германскиот Гумерсбах, шпанската Ла Риоха и полскиот Вибжеже Гдањск.

Тренерот на германскиот тим, легендарниот Гудјон Валур Сигурдсон, истакна дека неговиот тим го очекуваат интересни натпревари, а посебно го издвои гостувањето во Битола.

„Ова е многу интересна група и се радуваме на сите три противници. Ќе биде возбудливо да патуваме во Битола, бидејќи тоа е една од најжешките ракометни арени во Европа“, изјави Сигурдсон.

Прво и вторпласираната екипа ќе продолжат во елиминациите од Лигата на Европа, каде ќе играат 28 екипи.

„Имаме интересна група и едвај чекам натпреварите да започнат“, порача тренерот на Гумерсбах.

Групната фаза од Лигата на Европа ќе се игра од 29 септември до 1 декември, а секоја екипа ќе одигра по шест натпревари – три на домашен и три на гостински терен.