Меѓународната ракометна федерација донесе одлука со која веднаш ја укинува суспензијата за руските и белоруските репрезентации, клубови, судии, делегати и други официјални лица, воведена во март 2022 година.
Одлуката е донесена по препораките на Извршниот одбор на Меѓународниот олимписки комитет, кој на седниците од 7 мај и 7 јули 2026 година препорача враќање на руските и белоруските спортисти во меѓународните натпреварувања.
Оваа одлука претставува завршница на процесот на реинтеграција. Во март годинава, ИХФ им дозволи на младинските селекции на Русија и Белорусија да играат пријателски натпревари и турнири, а во мај беше отворена можност тие да добијат специјални покани (вајлд-карти) за Светското првенство за пионерки и за Трофејот на нациите на ИХФ.
Од ИХФ признаваат дека целосното враќање на Русија и Белорусија ќе бара одреден преоден период, но нагласуваат дека се подготвени повторно да ги интегрираат во меѓународното ракометно семејство.
Во исто време, ИХФ повтори дека останува во целосна поддршка на Украинската ракометна федерација и уште еднаш ја осуди војната, изразувајќи надеж дека конфликтот наскоро ќе заврши и ќе овозможи нормализирање на спортските односи.
Со оваа одлука се отвора патот руските и белоруските репрезентации и клубови повторно да се вратат на големите меѓународни натпреварувања под капата на ИХФ. Сега е на потег е ЕХФ, која треба да дозволи камбек на руските и белоруските клубови во европските купови.
Јасно е дека тоа може да се случи само од сезоната 2027/28, бидејќи за претстојната листите на учесници веќе се дефинирани. За националните тимови, Русија и Белорусија, најрано што можат да бидат вклучени е машкото СП 2029 година, односно женското ЕП 2028 година.


























