Поранешната македонска репрезентативка Елена Ѓорѓиевска, е нова ракометарка на Црвена Звезда, потврди српскиот шампион. Како што најави 24Ракомет пред една недела, Ѓорѓиевска ќе биде десетто засилување за клубот во кој потпиша уште една македонска репрезентативка, голманката Јована Мицевска.
Минатата сезона Ѓорѓиевска беше главните стрелци во турскиот тим Одунпазари, а претходно играше за Анталија Коњалти во оваа држава, како и за полската екипа Калиш.
Ѓорѓиевска потекнува од Струга, играше за Еуростандард Ѓорче Петров, Кометал Ѓорче Петров, па за Металург, пред да замине во Будуќност, каде освои и титула во Лигата на шампионите.
Една од најдобрите македонски ракометарки во поновата историја ги носеше дресовите и на романските Магура Чиснадие, Баја Маре и Крајова, а беше дел и од унгарската Алба Фехервар и хрватската Подравка.
Црвена Звезда без поголема мака минатата сезона ја освои двојната круна во Србија, во новата сезона има големи амбиции на меѓународна сцена и одново ќе се проба во Лигата на Европа, а ќе игра и во регионалната лига.
Досега осум нови ракометарки ќе го носат „црвено-белиот“ дрес – покрај Мицевска, дојдоа уште Дуња Табак од Локомотива Загреб, Германката Најна Клајн од Мецинген, голманката Моли Кубина, средните бекови Уна Обреновиќ и Невена Радиќ, како и десното крило Наташа Ловриќ, но и пивотменот Катарина Бојичиќ.
























