Прв триумф за Македонија на ЕП – блескаа Лазов и Ѓорѓиевски, падна Летонија

Машката младинска репрезентација на Македонија ја запиша првата победа на Европското првенство за младинци во Романија, откако славеше против Летонија со четири гола разлика, 35-31.

Блескаа Мики Лазов и Лука Ѓорѓиевски со по осум погодоци, а одлични беа и голманите Николовски со десет одбрани и Младенов кој влезе во финишот со четири фатени удари на ривалот. Кај Летонија се истакна „новиот Кристопанс“, Калнинс со 17 гола.

Сепак и покрај победата, нашите младинци ќе одат во разигрувањето за пласман од 17 до 24 место, бидејќи овој триумф нема да биде доволен за второ место во групата со Норвешка и Австрија, па меѓу нив ќе се бара патникот што ќе оди во разигрувањето од 9 до 16 место, што носи и пласман на Мундијалот во Македонија наредната година.

Македонија одигра одличен натпревар со исклучок на пет минути во второто полувреме кога имаше голем пад во играта, кој за момент беше казнет, но момците на Игор Илиевски се вратија веднаш во ритам и не му дозволија на противникот да помисли на победа.

Предводени од голманот Ѓорѓи Николовски кој бранеше одлично, македонските младинци отворија со водство 3-1, но ривалот со серија од три гола се врати во игра, а потоа долго време се играше со голови наизменично на двете страни. Во нападот на Македонија најмногу погодуваше Ѓорѓиевски на десната бековска позиција, а со погодоците од пенал на Поповски и Крстевски, нашите младинци стигнаа и до највисоки плус три, 14-11.

Беше и 16-12 за Македонија во финишот на полувремето, Ѓурмешевиќ пропушти прилика да донесе пет гола предност, па противникот казни и на паузата се замина со водство 16-13 за момците на Игор Илиевски. Десетина минути во вториот дел се одеше како подмачкано, отидовме и на плус пет, 20-15, но потоа следуваше „црна дупка“. Нападот стана безидеен, Летонците ги казнуваа сите грешки и се враќаа во игра.

Илиевски се обиде со тајм-аут да го запре налетот, но серијата на балтичката репрезентација продолжи и предводена од „новиот Кристопанс“, Валдис Калнинс, Летонија направи комплетен пресврт и поведе со 22-21. Се разиграа Ѓурмешевиќ и Лазов, Младенов кој го замени Николовски фати две топки и Македонија одново беше во предност, 26-24, кога остануваа уште десетина минути за игра, па летонскиот селектор мораше да бара минута одмор.

Македонија одново влезе во препознатлив ритам, Лазов биеше без грешка и беше плус пет, 30-25, па до крајот немаше многу дилеми околу победникот, иако ривалот успеа да намали на два гола. Сега останува да го чекаме расплетот во другите групи за да ги дознаеме следните ривали во битките за пласман од 17 до 24 место.