Maкедонија ќе игра само еден бараж за СП 2027!

Европската ракометна федерација го потврди квалификацискиот систем за пласман на Светското првенство за ракометарки во 2027 година, кое ќе се одржи во Унгарија, а македонската женска репрезентација ќе се вклучи во завршната квалификациска фаза.

Македонија е меѓу 26 селекции кои ќе се борат за едно од 13 европски места на Мундијалот во последниот бараж. Директен пласман веќе имаат домаќинот Унгарија и актуелниот светски шампион Норвешка, а уште едно место ќе обезбеди и европскиот првак, односно селекцијата што ќе биде најдобра на ЕП 2026.

Квалификациите ќе се играат во две фази. Првата, која е резервирана за осумте најслабо рангирани европски селекции, ќе се одигра во октомври оваа година, а овие селекции денеска ги дознаа своите ривали. Победниците од тие четири двобои ќе се приклучат на Португалија и на 21 репрезентација што играат на ЕП 2026.

Покрај македонската селекција, во завршната квалификациска рунда ќе играат уште Австрија, Хрватска, Чешка, Данска, Фарски Острови, Франција, Германија, Грција, Исланд, Црна Гора, Холандија, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Турција, Украина, како и Португалија.

Ждрепката за завршната квалификациска рунда ќе се одржи на 19 декември 2026 година, за време на завршниот викенд од Европското првенство. Тогаш ќе бидат формирани 13 бараж двојки, а победниците ќе обезбедат пласман на Светското првенство.

Во вториот шешир ќе бидат Португалија, четирите победници од првиот бараж, како и осумте најслабо рангирани на ЕП 2026, што значи дека ако Македонија се пласира од 17 до 24 место ќе биде во втор шешир, а ако биде во ТОП 16 ќе биде рангирана во првиот шешир.

Бараж натпреварите ќе се играат на 7/8 и 10/11 април 2027 година, а Светското првенство во Унгарија е закажано од 30 ноември до 19 декември 2027 година.

Бараж за СП 2027, прва фаза:

Естонија – Косово
Белгија – Литванија
Бугарија – Италија
Велика Британија – Луксембург