Тиквеш во исчекување на евро-ждрепка, ЕХФ го скрати изборот на ривали

Македонскиот претставник Тиквеш ќе го започне настапот во новата сезона на ЕХФ Европскиот куп од првото коло, а пред ждрепката што ќе се одржи утре во Виена ги дозна и можните противници. За првпат во историјата на ова натпреварување е воведено правило за заштита на клубовите од иста федерација, што значи дека во второто коло нема да може да се сретнат екипи од иста држава.

Европската ракометна федерација ги објави шеширите за ждрепката ги подели екипите во две групи, а кавадаречкиот клуб се наоѓа во вториот шешир од групата А, што значи дека ќе добие еден од деветте носители.

Најатрактивен можен ривал е токму Спор Тото, додека српска Дубочица и швајцарски Берн исто така се меѓу поквалитетните противници. Од друга страна, дуели со Киндил, Будванска Ривиера или Хандбал Еш би можеле да се сметаат за поповолна ждрепка.

Првите натпревари од првото квалификациско коло ќе се играат на 12/13 септември, а реваншите се закажани за 19/20 септември. Победниците од 19 двобои ќе се пласираат во второто коло, каде ќе им се приклучат уште 45 екипи кои имаат директен пласман, а таму се Охрид, Бутел Скопје и „сино-белиот“ тим на Кирил Лазаров.

Ждрепката за првото коло ќе се одржи утре од 11:00 часот во седиштето на ЕХФ во Виена.

Можни ривали на Тиквеш:

Омонија (Кипар)
Киндил (Фарски Острови)
Албатро Сиракуза (Италија)
Беса (Косово)
Хандбал Еш (Луксембург)
Будванска Ривиера (Црна Гора)
Дубочица (Србија)
Берн (Швајцарија)
Спор Тото (Турција)