Македонскиот шампион Ѓорче Петров ќе стартува од второто квалификациско коло во Лигата на Европа, второто по ранг европско клупско натпреварување. Европскта ракометна федерација потврди дека „лавиците“ ќе бидат дел од првиот шешир пред ждрепката и познати се можните противници на ракометарките што ќе бидат предводени од Славиша Димитријески.
Ѓорче Петров има 16 можни ривали, а меѓу нив и тимови што ќе биде тешко да се минат како српскиот првак Црвена Звезда, германскиот Мецинген, норвешкиот Молде, француските Ница и Сен Аман. Но има и тимови од типот на швајцарските Цирих и Брул, хрватските Чаковец и Бјеловар, грчкиот АЕК Атина, кои би можеле да се сметаат за добра ждрепка.
Во групата на оние тимови што се „ни ваму, ни таму“ се чешкиот Бањик Мост, шведските Боден и Скара, српската Наиса Ниш, полска Пјотрковија, но и некогаш звучното име – осумкратниот европски првак Хипо.
Во првиот шешир заедно со Ѓорче Петров се данскиот Виборг, португалската Бенфика, норвешките Ларвик и Тертнес, грчкиот ПАОК, романските Валчеа и Корона Брашов, шпанските Гран Канарија и Атлетико Гуардес, шведскиот Савехоф, германскиот Олденбург, францускиот Шамбре Турен, полскиот Лублин, турската Бурса и унгарскиот Вац.
Директно во третото квалифициско коло се пласирани осум тима, кои ќе ги очекуваат 16 победници од второто коло и ќе формираат 12 парови, од кои пак победниците ќе се пласираат во групната фаза каде што веќе чекаат четири тима.
Ждрепката за двојките од второто квалификациско коло ќе се одржи утре од 11:00 часот во Виена, а натпреварите се на програмата на 3/4 и 10/11 октомври.
























