ШОК: Пролет се повлекува од Супер лигата!

Македонскиот ракомет ќе остане без уште еден долгогодишен суперлигаш. Пролет официјално соопшти дека нема да настапува во Супер лигата во сезоната 2026/27, откако клубот остана без генералниот спонзор.

Еден од најстарите македонски ракометни колективи, со традиција долга 64 години, во идната сезона ќе се натпреварува во Првата лига, а раководството истакнува дека ова е единственото одговорно решение со цел да се зачува финансиската стабилност на клубот.

Во последните неколку сезони Пролет играше во суперлигашкиот плеј-аут, но имаше големи успеси во младинските категории. Минатата сезона кадетската екипа на овој клуб ја освои титулата.

Од клубот потенцираат дека и покрај повлекувањето од елитата, нема да се откажат од својата главна мисија – развојот на младите ракометари и зачувувањето на клупската традиција. Во наредниот период приоритет ќе биде пронаоѓање нов генерален спонзор, кој би овозможил враќање во Супер лигата.

„Ракометниот клуб Пролет 62 ја известува јавноста дека, поради завршувањето на договорот со нашиот долгогодишен и ценет генерален спонзор, донесовме тешка, но одговорна одлука да се повлечеме од натпреварувањето во Супер лигата за претстојната сезона.

Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на внимателна анализа и единствено со цел да се зачува стабилноста и иднината на клубот. Веруваме дека во овој момент најодговорен чекор е да не преземаме финансиски обврски кои не би можеле целосно и навремено да ги исполниме.

РК Пролет 62 останува посветен на својата мисија – развојот на младите ракометари и продолжување на традицијата која клубот ја гради веќе 64 години. Клубот ќе продолжи да се натпреварува во Првата лига, а во наредниот период наш главен приоритет ќе биде пронаоѓање нов генерален спонзор кој ќе овозможи повторно враќање во Супер лигата и продолжување на успесите што заедно ги создававме.

Воедно, упатуваме искрена и огромна благодарност до нашиот досегашен генерален спонзор за долгогодишната доверба, поддршка и несебична посветеност, благодарение на која РК Пролет 62 со години успешно се натпреваруваше и остана дел од највисокото ниво на македонскиот ракомет. Неговиот придонес во одржувањето и развојот на клубот ќе остане трајно запишан во историјата на РК Пролет 62.

Исто така, им благодариме на сите наши навивачи, пријатели, играчи, тренери, родители, соработници и на сите кои во изминатите 64 години беа и остануваат дел од семејството на РК Пролет 62.

Уверени сме дека ова е само еден тежок период кој, со заедничка поддршка и нов партнер, ќе го надминеме и повторно ќе го вратиме Пролет таму каде што припаѓа“, се вели во соопштението.

Повлекувањето на Пролет претставува голем удар за македонскиот ракомет, бидејќи станува збор за клуб кој со години беше редовен учесник во елитното натпреварување и беше препознатлив по создавањето на бројни домашни ракометари. Сега останува да се види кој клуб ќе го пополни испразнетото место во Супер лигата за претстојната сезона.