Со натпреварите од првото коло денеска во романските Клуж и Турда стартува Европското првенство за ракометари до 20 години, на кое ќе настапат 24 репрезентации. Во следните две недели најголемите европски таленти ќе се борат за шампионската титула, но и за местата кои носат пласман на Светското првенство во 2027 година.
Македонската младинска репрезентација ја очекува исклучително тежок старт. Избраниците на селекторот Игор Илиевски од 13:30 часот ќе ги одмерат силите со Норвешка, а групата во која се наоѓа Македонија е една од најквалитетните на шампионатот. Покрај Норвешка, ривали ќе бидат и Данска и Хрватска – три селекции кои секогаш имаат високи амбиции на големите натпреварувања.
Македонските надежи во Романија пристигнаа по успешните подготовки, со желба да остават добар впечаток и да се борат за место во главната рунда. Секој освоен бод може да биде пресуден, бидејќи само двете најдобри репрезентации од секоја група ќе продолжат во борбата за медалите.
Актуелен европски шампион е Шпанија, но конкуренцијата и годинава е исклучително силна. Германија, Данска, Франција, Португалија, Шведска, Унгарија и Исланд важат за репрезентации кои имаат генерации способни да стигнат до самиот врв, додека домаќинот Романија ќе се обиде пред својата публика да приреди изненадување.
Особено внимание уште во првото коло привлекува пресметката меѓу Германија и Франција, дуел на две репрезентации кои се меѓу главните кандидати за европскиот трон. Интересно ќе биде и дербито меѓу Данска и Хрватска, како и дуелот меѓу Србија и Фарски Острови, селекција која во последните години бележи огромен напредок во младинските категории.
Група А: Германија, Франција, Португалија, Грција
Група Б: Србија, Швајцарија, Фарски Острови, Турција
Група В: Шпанија, Исланд, Австрија, Летонија
Група Г: Македонија, Данска, Норвешка, Хрватска
Група Д: Шведска, Романија, Израел, Босна и Херцеговина
Група Ѓ: Унгарија, Словенија, Чешка, Полска
Распоред на натпревари, 1 коло:
11:00 часот
Португалија – Грција
Шпанија – Летонија
Шведска – Израел
13:30 часот
Швајцарија – Турција
Македонија – Норвешка
Словенија – Полска
16:00 часот
Германија – Франција
Исланд – Австрија
Романија – Босна и Херцеговина
18:30 часот
Србија – Фарски Острови
Данска – Хрватска
Унгарија – Чешка
На последните две европски првенства титулите ги освоија Шпанија (2024) и Португалија (2022), а и годинава се очекува неизвесна битка за медалите. За Македонија, првиот предизвик е Норвешка, но секој натпревар во групата ќе биде финале ако сака да обезбеди место меѓу најдобрите 12 селекции во Европа.























