Вардар по пет сезони одново во Европа – од прв шешир ја чека ждрепката во ЕХФ Купот

Европската ракометна федерација ги објави екипите што се пријавија во ЕХФ Европскиот Куп кај дамите за новата сезона.

Ќе играат вкупно 54 екипи, меѓу кои и две екипи од Македонија – вицепрвакот Чаир и третопласираната екипа на Вардар.

Вардарки по пет сезони се враќаат назад во Европа, и ќе стартуваат од второто коло во ЕХФ Купот заедно со уште 43 други екипи. Избраничките на Даниела Новеска ќе бидат во првиот шешир пред ждрепката.

„Црвено-црните“ имаат 22 можни ривали, а за старт убаво е да се избегнат тимовите од Фарски Острови и Португалија (Х71, Неистин, Алмеида), не поради квалитетот, туку поради далечните патувања, но и првакот на МОЛ Лигат – Дунајска Стреда од Словачка, како и холандските Квинтус или Јуро Унирек – последниот тим со кој играа вардари во Европа во 2021 година.

Убаво би било Вардар да ги добие за ривал од Косово (Феризај, Истогу и Шќипоња), Босна и Херцеговина (Крајина Ќазин, Криваја), Кипар (Мавроматис, АПОЕЛ), Србија (Рума) или пак Грција (Атинаикос).

Можни ривали се и израелските Холон и Макаби Рамат Ган, но тие се уште немаат дозвола за играње дома, па двапати би играле во Скопје. Тука се литванските Егле Вилнус и Жалгирис Каунас, како и Диферданж од Луксембург, кои исто така влегуваат во групата на посакувани противници.

Во групата „ни ваму, ни таму“, ќе ги ставиме тимовите на Бриксен од Италија и Цуг од Швајцарија. Натпреварите од второто коло ќе се играат на 3/4 и 10/11 октомври, а ждрепката ќе се одржи на 14 јули од 11:00 часот.