Машката младинска репрезентација на Македонија ги заврши подготовките за настапот на Европското првенство во Романија, каде ќе има тешка задача и дуели со Данска, Норвешка и Хрватска во групната фаза.
Македонија со четири победи на четири меча против Саудиска Арабија, Грција и Италија оди на ЕП, а капитенот Јулијан Матески ги сподели очекувањата од настапот.
„Ние одиме да се надигруваме со сите ривали. Ќе пробаме да изненадиме некој, одиме како аутсајдери во групата, можеби е така најдобро без притисок. Оваа група момци покажа дека може да се носи со секој, нас не краси борбеноста и хемијата во екипата, играме секој за секого. Желбата и борбата за секоја топка ќе бидат пресудни“, вели Матески.
Овие момци наредната година ги чека Мундијал на домашен терен, кој треба да биде круна на генерацијата, а со тоа се согласува и Матески.
„Јас верувам во овие момци, плус со некои во моментов што не се сега со нас. Догодина ќе играме на домашен терен во Скопје, пред нашите навивачи, нема подобро чувство од тоа. Оваа генерација има што да покаже и следното СП треба да биде круна на генерацијата“, заврши охриѓанецот.
Македонија денеска патува за Романија, а в среда од 13:30 часот ќе го одигр првиот меч против Норвешка.
























