Илиевски: Свесни сме кои ни се ривали – ако го дадеме максимумот, можеме да се надигруваме со секого!

Селекторот на македонската младинска репрезентација Игор Илиевски е задоволен од подготовките, верува во борбеноста на својот тим и порачува дека Европското првенство е важен чекор кон СП 2027, кое Македонија ќе го организира.

Македонската младинска репрезентација утре заминува на Европското првенство, каде во групната фаза ќе се соочи со Данска, Норвешка и Хрватска – три селекции кои се дел од европскиот крем.

Селекторот Игор Илиевски е свесен за тежината на задачата, но порачува дека неговите избраници нема да се предадат однапред.

Во разговор за 24Ракомет зборува за подготовките, амбициите, силните страни на тимот и плановите за оваа генерација.

„Имавме добри подготовки и направивме сè што можевме во овој период. Генерално сум задоволен од сработеното, иако секогаш има работи што треба да се подобруваат. Одиме таму да се претставиме во најдобро можно светло. Кога велам најдобро светло, мислам да го дадеме својот максимум и да видиме колку можеме да се надигруваме со селекции како Данска, Норвешка и Хрватска. Тоа се репрезентации кои се самиот европски врв. Свесни сме дека групата е исклучително тешка, но не одиме со бело знаме. Ќе дадеме сè што имаме, па што биде нека биде“, изјави Илиевски.

Македонија победи четири пати на четирите натпревари, но иако се работи за послаби селекции од оние со кои ќе се соочиме на ЕП, сепак важна е победничката атмосфера пред стартот на континенталниот собир.

„Одигравме четири пријателски натпревари, два против Саудиска Арабија, а игравме и со Италија и Грција. Тоа беа добри проверки за да видиме каде се наоѓаме во моментов, иако не сме комплетни. Недостигаат четири-пет ракометари, дел поради полесни повреди, дел поради препораки од нивните клубови да не ризикуваат, а имаме и играчи кои останаа со кадетската репрезентација затоа што таму се дефицитарни на одредени позиции. Ова се момците што ги имаме на располагање и верувам дека заедно ќе ги браниме боите на Македонија на најдобар можен начин“, продолжи Илиевски.

Селекторот потенцира дека техничката подготвеност е предност на скандинавските ривали, но вели дека нашата борбеност може да им биде предноста на неговите избраници.

„Ако зборуваме за техника, тие се меѓу најдобрите во светот. Нивната техничка подготвеност е навистина на највисоко ниво. Не знам дали тоа е до нивниот систем на работа, генетиката или нешто трето, но нивната контрола на топката и транзицијата се феноменални. Она што јас го гледам како наша предност е нашата борбеност. Кога знаеме да „загриземе“, често можеме да дадеме и повеќе од тоа што реално го поседуваме. Затоа сметам дека со агресивна одбрана, со дисциплина и со расположени голмани можеме да бидеме конкурентни. Во зависност од противникот ќе менуваме и различни одбранбени варијанти, но најважно е сите да го дадеме максимумот. Важно ми е да бидеме чисти пред себе и пред Бога“, продолжи Илиевски.

Ова ЕП во Романија е последен континентален собир на оваа генерација, а наредното лето треба да биде кулминацијата на Мундијалот во Македонија.

„Ова е последното Европско првенство за оваа генерација, а следната година нè очекува Светското првенство на домашен терен. На момците им е кажано дека мора да се изборат за своето место, бидејќи конкуренцијата ќе биде уште поголема. Ќе се приклучат уште неколку ракометари и никој нема загарантирано место. Верувам дека Светското првенство во Македонија ќе биде кулминација на оваа генерација. После тоа тие веќе влегуваат во сениорскиот ракомет и понатаму сè ќе зависи од нивниот индивидуален развој“.

Илиевски не сака да издвојува поединци и смета дека најважна е тимската хемија.

„За мене најважен е тимот. Ако имаме вистинска хемија, ако ја задржиме енергијата што ја создадовме во овие три недели подготовки, тогаш можеме да се надигруваме со секого, без разлика на името на противникот. Ако овие момци го дадат својот максимум, јас ќе бидам задоволен, без разлика на резултатот. Најважно е по секој натпревар да бидеме чисти пред себе, да знаеме дека сме оставиле сè на теренот. Тоа е единственото што го барам од нив“, заврши Илиевски.

Македонија стартува против Норвешка на 8 јули од 13:30 часот, на 9 јули е пресметката со Хрватска, додека мечот против Данска ќе се игра на 11 јули.