Данскиот прволигаш Фредериција обезбеди големо засилување на голманската позиција. Според информациите на ТВ2, норвешкиот репрезентативец Торбјорн Бергеруд веднаш ќе му се приклучи на клубот, откако ќе го напушти полскиот вицешампион Висла Плоцк.
Тимот од Плоцк е ривал на Вардар во Лигата на шампионите, а сега останува само со ветеранот Мирко Алиловиќ и младиот Марсел Јажебски, кој се врати по позајмицата во Нексе Нашице.
Иако трансферот сè уште не е официјално потврден од клубовите, данскиот медиум наведува дека договорот е веќе постигнат и дека 31-годишниот чувар на мрежата наскоро ќе биде претставен како нов член на Фредериција.
За Бергеруд ова ќе биде враќање во добро позната средина. Норвежанецот претходно успешно настапуваше во Данска за Холстебро и ГOГ, со кој во 2022 година ја освои шампионската титула.
Во богатата кариера бранеше и за германскиот Фленсбург, норвешкиот Колстад, а последната сезона ја мина во дресот на Висла Плоцк, со која настапуваше во Лигата на шампионите.
Бергеруд е долгогодишен стандарден репрезентативец на Норвешка. Со националниот тим има освоено два сребрени медали на Светските првенства и една бронза на Европското првенство, а со своето искуство се очекува да биде едно од најголемите засилувања во данскиот шампионат ова лето.
Фредериција беше приморана да реагира на голманската позиција по заминувањето на Себастијан Франдсен, кој кариерата ја продолжи во Бјерингбро Силкеборг.

























