Најдобриот дефанзивец во изборот на 24Ракомет за минатата сезона во Супер лигата, Ориол Реј Моралес е на мета на полскиот вицепрвак Висла Плоцк, кој сака да го види во своите редови по секоја цена. Подготвени се да ја платат клаузулата за ослободување која е многу висока, само за да го имаат Шпанецот во своите редови.
Моралес беше меѓу најзаслужните за успесите на Охрид минатата сезона и трофејот во ЕХФ Европскиот Куп, па го привлече вниманието на „големите ѕверки“. Според информациите на 24Ракомет, Висла Плоцк е подготвена веднаш да ја плати откупната клаузула во договорот на Моралес, која според шпекулациите има шест цифри, но за овој трансфер се прашува и македонскиот клуб.
Шпанецот пристигна во Охрид минатото лето и веднаш стана незаменлив дел од составот, особено во дефанзивата. Заедно со останатите ракометари беа заслужни што Охрид имаше најдобра одбрана на Балканот, но и на европска сцена во ЕХФ Европскиот Куп.
Висла Плоцк е ривал на Вардар во Лигата на шампионите, а ова лето не направи многу промени во играчкиот ростер со кој располага тренерот Чави Сабате. Иако Чехот од Татабања, Матеј Хавран, беше планиран како замена за ветеранот Мирсад Терзиќ, сепак тој се повреди на двомечот со Охрид и го чека долга пауза.
Затоа во полскиот вицепрвак гледаат идеална замена во Моралес за Терзиќ, па шпанецот би формирал бедем пред голот на Алиловиќ и Бергеруд заедно со Хрватот Шушња.
Моралес потекнува од Барселона, таму беше дел од вториот тим до 2017 година, па мина три сезони во француските Ница и Екс Ан Прованс, пред да се врати во татковината во 2020 година и пет сезони го носеше дресот на Гранољерс, а беше прогласен и за најдобар дефанзивец во Асобал лигата.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























