Искусното десно крило на ЦСКА Москва, Данил Шишкарев, е прогласен за најдобар ракометар во руската Суперлига за сезоната 2025/26, според изборот на специјализираниот портал „Брз Центар“.
Ова е вторпат во кариерата да ја добие оваа престижна награда, откако претходно триумфираше и во сезоната 2023/24.
Некогашниот ас на Вардар беше лидер и капитен на ЦСКА во сезоната во која московскиот клуб ја освои шампионската титула, комплетирајќи ја домашната тројна круна со триумфи во првенството, Купот и Супер Купот на Русија.
Во гласањето учествуваа новинарите и експертите на „Брз Центар“, како и читателите на порталот, а Шишкарев доби најголема поддршка и заслужено се најде на врвот на листата.
За 36-годишниот ракометар ова претставува уште едно признание во богатата кариера, во која со години е еден од најконстантните играчи во рускиот шампионат и еден од симболите на ЦСКА Москва.

























