Еден од тренерите во семејството на Еурофарм Пелистер, Фарук Мемиќ, кој имаше долг стаж, е е повеќе дел од клубот.
Мемиќ, кој работеше во кадетската и младинската екипа на битолчани, на социјалните мрежи се прости од клубот.
„Благодарам за секој момент…Не е лесно да се напише збогум на место кое било дел од твојот живот. Во овој клуб пораснав како играч, а потоа добив можност да се развивам и како тренер. Од самиот почеток на РК Еурофарм Работник, па сè до денес како РК Еурофарм Пелистер, секој ден го давав својот максимум со една единствена цел – клубот да биде подобар, а децата што ги тренирав еден ден да го носат дресот на првиот тим. Никогаш не жалев за вложениот труд, ниту за времето поминато во сала. Напротив, горд сум што бев дел од оваа приказна и што имав можност да работам со многу талентирани деца и прекрасни луѓе. Денес се разделуваме, но спомените, пријателствата и љубовта кон клубот остануваат засекогаш. Им благодарам на сите играчи, родители, колеги и пријатели за довербата и поддршката. На РК Еурофарм Пелистер му посакувам уште многу успеси, а јас ќе продолжам да навивам за клубот, каде и да ме однесе животот. Секој крај носи нов почеток. Благодарам за сè!“, напиша Мемиќ на социјалните мрежи.
Тој работеше во тандем со Кире Митревски, а беше заслужен за пласманот на младинците на Еурофарм Пелистер минатата година на Ф4 во Лигата на шампионите.
























