По три сезони пауза, Вардар повторно се враќа во Лигата на шампионите. Во групната фаза „црвено-црните“ ќе играат против Нант, Мелсунген и Висла Плоцк, а враќањето во елитата носи нов предизвик, но и нова можност клубот повторно да се покаже на највисоката европска сцена.
Тренерот Иван Чупиќ зборува за првите впечатоци по ждрепката, за силата на ривалите, за тоа каде ја гледа шансата на Вардар и каква порака им испраќа на навивачите пред новата европска сезона. Чупиќ не крие дека во клубот владее големо задоволство поради враќањето во најсилното клупско натпреварување.
„Прв впечаток? Многу сме среќни и задоволни што после четири години ќе играме Лига Шампиони, така што со нетрпение го очекуваме септември и да го започнеме нашиот пат во најелитното клупско натпреварување. Секој противник е различен и за секој противник треба посебно да се подготвиме. Но за Вардар најважно е да бидеме конкурентни. Имаме шест натпревари во групната фаза. Сакам да видам јак, борбен, тимски Вардар со заедничка цел да ја поминеме групната фаза. Ќе имаме прилика да видиме до каде сме и на што може да се надеваме во оваа група.“
Новиот формат на натпреварување носи и многу помал простор за грешка, но Чупиќ смета дека за вистинска оценка ќе треба време.
„По првпат се игра во овој формат, па кога ќе имаме повеќе искуство ќе видиме дали е подобар или не, а и да се види просторот за грешки што може да се направат. Ние сакаме да го дадеме максимумот на секој натпревар и да пробаме да се пласираме во Главната фаза. Лигата на шампионите е многу тешко натпреварување и секоја екипа која е овде заслужува да биде дел од него. Просторот за грешка на секој натпревар е мал, па секој натпревар ќе биде тежок.“
Кога станува збор за тоа каде Вардар може да ја бара својата предност, Чупиќ е јасен – енергијата, младоста и атмосферата во „Јане Сандански“ ќе бидат клучни.
„Шансата да бидеме конкурентни ја гледам во нашата енергија, нашата младост, но и полна сала во Јане Сандански каде што сите знаат дека е многу тешко да се игра. Ние мораме да дадеме и повеќе од себе за да привлечеме повеќе публика, да го наполниме Јане Сандански, а сите знаеме дека кога гори Јане тешко е некој да нѐ победи. Публиката секогаш е нашиот осми играч, а ние на теренот сме фамилија. Заедно со публиката сме непобедливи во нашата сала и сите со нетрпение го очекуваме првиот натпревар дома и веруваме пред полни трибини.“
Домашниот терен, според него, не е само предност, туку и обврска Вардар да покаже вистинско лице пред својата публика.
„Секако дека е важно да го користиме домашниот терен. Сите што сме играле за Вардар, а и сите противници знаат дека тука не можат да играат нормално, дури ни да комуницираат на терен. Тоа го имаат кажано сите најелитните клубови и играчи. Ние уште од подготовките мораме да покажеме дека сме фамилија и сме сите тука за Вардар и мораме и индивидуално и колективно да го покажеме тоа. Се надевам дека навивачите тоа ќе го препознаат. Минатата сезона имавме супер поддршка и дома и низ Европа и веруваме дека ќе ги привлечеме и оваа година да бидат наш осми, деветти, десетти играч. Вардар е клуб со голема историја и знаеме што значи овој клуб за навивачите и знаеме дека мораме да дадеме сè од себе.“
На крајот, Чупиќ испрати порака и до навивачите, со благодарност за досегашната поддршка и со ветување дека тимот ќе оди до крајните граници.
„Пораката за навивачите е секогаш иста како и во минатата сезона во лигата, купот и Лигата на Европа. Ние ќе дадеме максимум, до крајни граници за да го одбраниме овој дрес кој тежи многу и секогаш носи притисок. Но ние немаме страв и ќе ги оправдаме очекувањата на нашите навивачи, за кои верувам дека ќе нѐ поддржат на секој натпревар. Уште еднаш би сакал да им се заблагодарам за минатата сезона и верувам дека и оваа сезона ќе ги радуваме со победи и ќе заминуваат среќни од сала. Главната наша задача е да го дадеме срцето за Вардар, од првиот до последниот член на клубот.“
Вардар ќе ја почне сезоната со Супер Куп дуелот против Охрид на 2 септември, на 5/6 следува пресметка од домашното првенство, а на 9/10 септември е дуелот со Мелсунген на гостински терен во Лигата на шампионите.
























