Франција испиша историја – освои двојна круна на Мундијалот за универзитети!

Франција ги освои двете титули на Светското универзитетско првенство, кое се одржа во Бордо, откако и машката и женската селекција стигнаа до златните медали.

Во машкото финале, Французите го совладаа Бразил со 35-34 и по вторпат во својата историја станаа светски универзитетски шампиони. До победата ги предводеше Матис Бертран со шест погодоци, додека Луис Мари и Максим Орно постигнаа по пет.

Женската репрезентација на Франција, пак, ја одбрани титулата освоена во 2024 година, откако во финалето беше подобра од Холандија со убедливи 42-28. Французинките уште во првото полувреме создадоа солидна предност, која без проблем ја задржаа до самиот крај.

Бронзениот медал кај мажите го освои Шпанија, која ја совлада Полска, додека кај дамите третото место и припадна на Чешка по победата над Полска.

Со двојната титула, Франција стана апсолутен победник на годинашното Светско универзитетско првенство и уште еднаш ја потврди својата доминација во светскиот ракомет, како во машка, така и во женска конкуренција.

На СП во двете конкуренции играа универзитети од три континенти – Европа, Азија и Јужна Америка.