Првиот човек на Белоруската ракометна федерација, Владимир Конопљов, испратил ново писмо до претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, со јасно барање белоруските репрезентации да бидат вратени на сите официјални меѓународни натпреварувања. Истовремено, исто писмо е испратено и до првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер.
Во писмото, Конопљов се повикува на одлуката на Извршниот комитет на ИОК од 7 мај 2026 година, со која повеќе не се препорачуваат ограничувања за учество на белоруски спортисти и тимови на меѓународни настани. Токму тоа е главниот аргумент на белоруската страна – дека ИХФ и ЕХФ веќе не можат да се повикуваат на претходната линија на ИОК како причина за суспензијата.
Конопљов во писмото остро прашува зошто политиката и натаму влијае врз белоруските ракометари, а не и врз други спортови. Тој наведува дека Белорусија веќе настапувала на европски натпреварувања во дисциплини како мечување и ритмичка гимнастика, па оценува дека аргументите на ракометните федерации се само изговори.
Белорускиот функционер посочува и на конкретната спортска штета. Според него, играчи како Каралек, Кулеш, Самиола, Вајлупов и Салдаценка… веќе останале без реална шанса да се борат за пласман на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028, а ако машката репрезентација не биде пуштена во следните квалификации за СП 2029 и ЕП 2030, вкупната дисквалификација на белоруските тимови би достигнала 10 години.
Во последниот дел од писмото, Конопљов порача дека Белорусија „настојчиво бара“ репрезентациите да бидат пуштени на сите официјални натпреварувања под капата и на ИХФ и на ЕХФ. Во спротивно, Белорусите најавуваат дека ќе ги бранат своите права пред Судот за спортска арбитража во Лозана.
Во март 2026, ИХФ веќе дозволи ограничен камбек само за младинските селекции на Белорусија и Русија, и тоа исклучиво за самостојно организирани пријателски натпревари и турнири. Тоа значи дека сениорските репрезентации и клубовите и натаму се надвор од официјалните меѓународни натпреварувања.


























