Големо признание за вардарецот: Малус во идеалниот тим на сезоната во Лигата на Европа!

Одличните настапи на Јака Малус во дресот на Вардар минатата сезона добија и официјална потврда. Словенечкиот репрезентативец е избран во идеалниот тим на сезоната во Лигата на Европа.

Ова признание доаѓа како награда за извонредните партии на средниот бек, кој беше еден од клучните играчи на Вардар во европските настапи. Малус имаше значајна улога во успешниот поход на „црвено-црните“, кои стигнаа до четвртфиналето и се најдоа меѓу осумте најдобри екипи во второто по квалитет европско клупско натпреварување.

Покрај Малус, во идеалниот тим на сезоната се најдоа и голманот Небојша Симиќ (Мелсунген), левото крило Емил Јакобсен (Фленсбург), десното крило Бенце Имре (Кил), левиот бек Тин Лучин (Нексе), десниот бек Валентин Порт (Монпелје) и пикерот Јоханес Гола (Фленсбург).

Изборот на Малус во идеалниот тим е уште една потврда за неговиот квалитет, но и за успешната европска сезона на Вардар, кој повторно покажа дека може рамноправно да се носи со најсилните екипи во Лигата на Европа.