РК Прилеп конечно доби значајна финансиска поддршка од Општина Прилеп, во период кога клубот најавува поголеми амбиции и атак на место во плеј-офот следната сезона. Според распределбата на средствата од буџетот на Општина Прилеп за 2026 година, прилепскиот суперлигаш ќе добие 3,8 милиони денари, што е убедливо највисок износ меѓу спортските клубови и здруженија што се најдоа на листата.
Оваа поддршка доаѓа во вистински момент за клубот, кој зад себе има сезона во која не успеа да обезбеди место во плеј-офот, но затоа во плеј-аут фазата покажа дека има квалитет и заврши како најдобар тим во тој дел од натпреварувањето. Прилепчани ја завршија сезоната со прво место во плеј-аут конкуренцијата, што за раководството е сигнал дека тимот има основа, но и дека за чекор повеќе ќе биде потребна поголема стабилност.
Токму затоа, 3,8 милиони денари од Општината можат да бидат важна инјекција за клубот. Со тие средства РК Прилеп треба полесно да го затвори буџетот, да ги реализира плановите за ростерот, да ги задржи клучните играчи и да обезбеди подобри услови за новата сезона.
Според записникот на Комисијата за финансирање и буџет при Советот на Општина Прилеп, на листата има 183 субјекти. Од нив, за 178 се наведени конкретни износи, два субјекти се одбиени поради некомплетна документација, а три културни манифестации се финансираат преку посебната програма за култура. Вкупната сума на конкретно распределените средства изнесува 10.405.000 денари.
Најголем износ е доделен токму за ракометниот клуб Прилеп – 3.800.000 денари. Потоа следуваат кошаркарскиот клуб Мега Баскет со 300.000 денари, пинг-понгарскиот клуб Младост 96 со 190.000 денари, женскиот ракометен клуб Деспина со 150.000 денари, шаховскиот клуб Прилеп со 150.000 денари, а по 120.000 денари добиваат клубот за боречки спортови и рекреација 7-ми Мај, Сојузот за училишен спорт на Општина Прилеп и Градскиот дувачки оркестар 2026.
Прилепчани веќе почнаа да го градат тимот за следната сезона. Најважниот потег беше продолжувањето на договорот со Димитар Димитриоски, најдобриот стрелец во Супер лигата, кој останува во Македонија и треба да биде една од главните алки во нападот. Во сезоната што измина, Димитриоски беше најсилниот индивидуален адут на прилепчани и еден од најконстантните играчи во лигата.
Клубот претходно ја имаше основата околу интернационалното трио Владан Кастратовиќ, Томислав Квастек и Денис Шабановиќ, а во тимот беа и домашни имиња како Александар Тренчевски, Иван Ангелески. Прилепчани во последниот период веќе најавија дека сакаат да го задржат костурот и да додадат квалитет таму каде што е потребно.
Како големо име за новата сезона е враќањето на искусниот голман Благојче Трајкоски. Тој е поранешен македонски репрезентативец, со богато суперлигашко искуство, а неговото приклучување треба да донесе поголема сигурност меѓу стативите и дополнителна лидерска улога во соблекувалната.
Прилеп во минатото имаше силни ракометни години, Куп-трофеј и европски настапи, а градот секогаш важел за средина што знае да живее со спортот. Сега, со поголема општинска поддршка, стабилен костур и јасна цел – плеј-оф, клубот добива подобра стартна позиција пред новата сезона.
























