Вардар откри кога ќе продава сезонските билети – ќе се купуваат само онлајн!

Македонскиот првак Вардар денеска откри дека од оваа сезона нема повеќе да продава билети со физичко купување, туку продажбата ќе ја врати само онлајн.

„Црвено-црните“ ќе ги пуштат во продажба сезонските билети за наредната сезона на 10 август, а продажбата ќе трае до 23 август пред да започне замената со пластифицирани картички.

„На 10 Август ќе стартува и продажбата на сезонските билети за наредната сезона во кои ќе бидат вклучени натпреварите од првата групна фаза, сите натпревари од домашното првенство ( Регуларен и Плеј Оф дел ) и Купот на Македонија. Продажбата ќе трае до 23 Август, по што ќе се врши замена за пластифицирани картички. Од оваа сезона РК Вардар продажбата на билетите ќе ја врши преку својата платформа за билети и единствено по електронски пат, исклучувајќи ја опцијата за физичко купување на билет“, напишаа од македонскиот шампион.

Допрва ќе биде позната цената на билетите, а со сезонскиот билет ќе може да се следат сите дуели од првата фаза во Лигата на шампионите, сите натпревари од македонското првенство и Купот на Македонија.