Предраг Бошковиќ, потпретседател на ЕХФ, беше во Охрид како претставник на Европската ракометна федерација на финалето од Купот на ЕХФ каде Охрид првпат во клупската историја стана победник на европски куп. Бошковиќ во разговор за 24Ракомет зборуваше за проектот за нова регионална лига, за интересот на клубовите од Македонија, Србија и Црна Гора, за улогата на националните федерации, финансиските предизвици, календарот, судењето и новиот проект за младинска регионална лига до 17 години.
Иако поводот за неговото присуство во Охрид беше финалето на Купот на ЕХФ, фокусот на разговорот беше насочен кон една поширока и многу важна тема за ракометот во регионот – можноста за формирање ново регионално натпреварување, кое треба да им донесе поголем квалитет, повеќе силни натпревари и подобра подготовка на клубовите за европска сцена.
Бошковиќ на почетокот истакна дека иницијативата не е случајна, туку произлегла од анализите и разговорите на ниво на ЕХФ, особено по Европското првенство во јануари.
„Ова е уште еден обид регионот да се организира, за ракометот повторно да може да фати чекор со некои други спортови кои, за жал, во последните години го презедоа приматот во регионот. По ЕП што се одржа во јануари во Данска, на ниво на ЕХФ разговаравме како и на кој начин може да се помогне во развојот на ракометот во одредени региони. Една од идеите што се појави беше дека, покрај европските натпреварувања, на клубовите им се потребни и други квалитетни натпреварувања, над националното ниво, кои ќе им овозможат добар ракомет, развој на играчите и подобра конкурентност во Европа“, вели Бошковиќ.
На регионот му треба посилна конкуренција
Според него, проблемот не е само во бројот на натпревари, туку во нивниот квалитет и во тоа колку тие можат реално да им помогнат на клубовите да се развиваат.
„Освен Бундес лигата и уште неколку силни лиги, во Европа нема многу национални натпреварувања кои сами по себе можат да обезбедат доволно квалитетен развој на клубовите, играчите, маркетиншката позиција и видливоста. Затоа веднаш по ЕП ја презедов оваа иницијатива. Во февруари го имавме првиот состанок во Загреб, каде разговаравме за можноста за заедничка лига на земјите од просторот на поранешна Југославија. Потоа имавме состаноци во Белград, Скопје и Подгорица“, објаснува Бошковиќ.
Најконкретен интерес, барем во оваа фаза, покажале клубовите и федерациите од Македонија, Србија и Црна Гора.
„Кај машките клубови постои сериозен интерес, особено кога зборуваме за српските, македонските и црногорските клубови. Идејата е да се направи заедничко натпреварување кое ќе биде квалитетна подготовка за европските настапи на клубовите од регионот. Не само тоа – вакво натпреварување може значително да ја подигне и пазарната вредност на клубовите, затоа што регионот има голем потенцијал, има публика, има дијаспора, има ривалства и има простор за поголема видливост“, вели Бошковиќ.

Македонија има најинтересна домашна лига, но потребни се нови ривалства
Бошковиќ посебно ја издвојува Македонија како земја која во моментов има многу интересно национално натпреварување. Сепак, смета дека и најдобрата домашна лига има ограничувања ако клубовите постојано играат само меѓу себе.
„Мислам дека Македонија можеби има и најинтересно национално натпреварување во регионот. Има неколку клубови со сличен квалитет, кои можат да создадат сериозна конкуренција меѓу себе. Но, и тие клубови не можат постојано да играат само едни против други. Потребни се нови натпревари, нови противници, нови ривалства и нова енергија. Дуелите меѓу клубови како Партизан, Ловќен, Еурофарм Пелистер, Охрид, Војводина или други клубови од регионот можат да создадат нова база на навивачи и да ги наполнат салите“, вели Бошковиќ.
Според него, токму тоа е една од најголемите вредности што регионалната лига може да ја донесе.
„Тоа е големата потреба на оваа регионална лига – да создаде нови ривалства, да создаде натпревари што ќе бидат интересни за публиката, да им даде на клубовите поголема сцена и да помогне во развојот на играчите. Бенефитот не е само финансиски. Клубот добива и преку тоа што играчите добиваат посилни натпревари, младите играчи се развиваат побрзо, а националните федерации добиваат поширока база за репрезентациите“, додава тој.
Сезоната 2026/27 како вовед, целосен формат од 2027/28
Новата лига, според моменталните планови, не би стартувала веднаш во целосен формат. Сезоната 2026/27 би била преодна, односно воведна сезона, затоа што календарите и националните натпреварувања не можат да се променат преку ноќ.
„Во Подгорица дојдовме до едно конкретно решение. За сезоната 2026/27, бидејќи националните натпреварувања не можат веднаш да се приспособат, треба да се направи модел што ќе ни овозможи да почнеме, да се навикнеме едни на други и да ја започнеме реализацијата на проектот. За промена на системот е потребна најмалку една година подготовка. Затоа сезоната 2026/27 ја гледаме како воведна, а веќе од сезоната 2027/28 тоа би требало да биде целосна лига“, објаснува Бошковиќ.
Почетната идеја е лигата да има десет клуба, но бројката може да се менува во зависност од интересот, календарот и приклучувањето на други федерации.
„На почетокот зборуваме за лига со десет клубови. Дали во иднина тоа ќе биде 12, 14, 16 или повеќе клубови, ќе зависи од многу фактори. Секако дека би сакале да се приклучат и Хрватите, и Словенците, и Босанците. Вратата не е затворена. Но, мораме да бидеме реални. Календарот е многу тежок, националните федерации имаат свои натпреварувања, клубовите играат во Европа, и сето тоа мора добро да се вклопи“, вели Бошковиќ.
Лигата не смее да биде конкуренција на домашните првенства
Една од дилемите е како регионалната лига би се вклопила со домашните шампионати. Бошковиќ е дециден дека идејата не е да се намалува значењето на националните првенства.
„Не е идејата регионалната лига да ги уништи националните натпреварувања или да им биде конкуренција. Напротив, идејата е таа да биде дополнителен сегмент за развој на националното ниво. Домашните лиги мора да останат важни, но регионалната лига може да им даде дополнителен квалитет на клубовите, повеќе сериозни натпревари и подобра подготовка за Европа“, потенцира Бошковиќ.
Тој додава дека моделот мора да биде поставен така што сите страни ќе имаат корист – клубовите, федерациите, играчите, навивачите и медиумите.
„Ако направиме лига која ќе биде спортски интересна, организациски стабилна и маркетиншки препознатлива, тогаш сите ќе добијат. Но, тоа не се случува преку ноќ. Прво мора да покажеме дека лигата е сериозна, дека може да функционира и дека има вредност“, вели тој.
Националните федерации ќе ја имаат контролата
Една од клучните разлики во однос на претходни регионални модели е тоа што новата лига треба да биде под контрола на националните федерации.
„Од старт почнавме со националните сојузи. Прво разговаравме со федерациите, а потоа се вклучија клубовите кои покажаа интерес и кои со своите спортски резултати дојдоа во позиција да бидат видени како дел од идната регионална лига. Тоа е важна разлика. Лигата мора да биде под целосна контрола на федерациите“, вели Бошковиќ.
Во план е да се формира заедничка фирма, во која федерациите би имале еднаков удел.
„Сите три федерации треба да формираат фирма во која секоја би имала по 33 проценти. Ако подоцна се приклучат Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина или некој друг, сопственичката структура ќе се приспособи. Но, суштината е јасна – лигата треба да биде под контрола на сојузите“, додава Бошковиќ.
Предвидено е да постои комисија за натпреварување, комесар за судење, комесар за безбедност и дисциплинска комисија.
„Тоа се нормални работи за секое сериозно натпреварување. Ако сакаме лига која ќе има кредибилитет, мора да има јасна структура, јасни правила, надлежности и одговорности“, вели Бошковиќ.
Финансискиот дел ќе биде најчувствителен
Прашањето што најмногу ги интересира клубовите е кој ќе ги покрие трошоците. Бошковиќ вели дека целта е лигата постепено да привлече спонзори и да дојде до ниво на кое би можела да покрива поголем дел од трошоците, но дека тоа не може да се очекува уште во првата сезона.
„Кога клубовите играат национални или европски натпреварувања, тие самите ги финансираат трошоците за организација, патување, сместување и слично. Не знам зошто оваа лига од старт би била поинаква. Идејата е да обезбедиме средства за да може во иднина да се покриваат комплетните трошоци на клубовите, но тоа е невозможно во првата сезона. Никој нема веднаш да даде два милиони евра за да ги покрие сите трошоци“, вели Бошковиќ.
Сепак, разговори со потенцијални спонзори веќе имало.
„Разговаравме со одреден број спонзори. Некои од нив дадоа согласност за одредени износи што се подготвени да ги вложат. Мислам дека тие средства можат да бидат доволни за првата сезона да се покријат трошоци како делегати, судии, организација и дел од оперативните работи. Но, лигата мора да покаже дека е способна, дека вреди и дека може да привлече нови спонзори“, додава тој.
Според првичните пресметки, трошокот по клуб за сезоната 2026/27 не би требало да биде поголем од 50.000 евра.
„Мојата проценка е дека за сезоната 2026/27 трошоците по клуб не би требало да надминат 50.000 евра. Мислам дека тој трошок е многу помал од користа што клубот може да ја добие. Не зборувам само за пари. Зборувам за развој на играчи, поголема видливост, нови ривалства, подобра подготовка за Европа и поголема вредност на клубот“, истакнува Бошковиќ.

Најголемиот предизвик ќе биде календарот
Иако во регионот често првата дилема е судењето, Бошковиќ вели дека најголемиот предизвик ќе биде календарот.
„Календарот е најголемиот предизвик. Сезоната 2026/27 ќе биде микс од три натпреварувања – национално првенство, европски купови и регионална лига. Тоа мора многу внимателно да се испланира. Во Црна Гора е малку полесно, затоа што лигата е помала и помалку клубови играат европски натпреварувања. Во Србија веќе се разговара со клубовите. Македонија е посебен предизвик затоа што има повеќе квалитетни клубови и федерацијата сигурно нема да сака да го наруши квалитетот на домашното првенство“, вели Бошковиќ.
Тој нагласува дека без добро усогласен календар, лигата тешко би можела да функционира.
„Ако календарот не е добро поставен, ќе имаме проблеми уште на почеток. Затоа сега се работи на модел што ќе им се понуди на клубовите и во кој регионалната лига ќе биде вклучена за сезоната 2026/27. Тоа мора да биде направено внимателно, затоа што клубовите не смеат да бидат преоптоварени, но мора да добијат доволно квалитетни натпревари“, додава Бошковиќ.
Судењето мора да биде под целосен мониторинг
Судењето е тема што неизбежно се отвора во секое регионално натпреварување. Бошковиќ признава дека судиски грешки ќе има, но смета дека клучно е лигата да има јасен систем, контрола и доверба.
„Судиски грешки ќе има во секое натпреварување. Тоа е реалност. Но, важно е лигата да не биде под влијание на интересни групи. Ако Европската ракометна федерација го поддржува овој проект, тогаш мора да има комплетен мониторинг и сигурност дека натпреварувањето ќе биде објективно. Тоа е нешто на што мора сериозно да се внимава“, вели Бошковиќ.
Според него, проблемот не е само во судиите, туку и во разбирањето на правилата.
„Мораме да работиме и на тоа правилата да бидат појасни за гледачите. Често се случува двајца луѓе на трибина да гледаат иста ситуација, а да имаат сосема различно мислење. Тоа е проблем на ракометот, не само на судиите. Ако сакаме поголема публика и поголем интерес, мора да работиме и на тоа луѓето подобро да го разбираат спортот“, објаснува тој.
Во однос на евентуално воведување челенџ, Бошковиќ вели дека тоа не е нова тема, но дека мора да биде добро поставена.
„За челенџ се разговара веќе подолго време. Имаше момент кога бевме блиску да се примени на фајнал-фор на Европската ракометна федерација, но не се случи. Причината беше тоа што објаснувањата и моделот не беа доволно добри. Сега повторно има разговори, но таква работа мора да биде многу јасно поставена“, вели Бошковиќ.

Клубовите ќе мора сериозно да ја сфатат лигата
Една од слабостите на претходните регионални натпреварувања беше тоа што одредени клубови не секогаш настапуваа со најсилен состав. Бошковиќ вели дека новата лига мора да најде начин да го избегне тоа.
„Тоа беше една од клучните слабости на СЕХА лигата. Имаше ситуации кога клубови доаѓаа со послаби состави, или кога натпреварите не се третираа со доволна сериозност. Ако сакаме оваа лига да биде сериозна, мора да спречиме такви ситуации. Клубовите мора да ја сфатат како вистинско натпреварување, а не како нешто споредно“, вели Бошковиќ.
Според него, ако лигата сака да создаде вредност, мора да има спортска тежина.
„Нема смисла да правиме лига која ќе биде само дополнителна обврска. Ако се игра, мора да се игра сериозно. Само така ќе има интерес кај публиката, кај спонзорите и кај медиумите. Само така клубовите ќе добијат нешто од неа“, додава тој.
Почнува и регионална лига за селекции до 17 години
Покрај сениорската регионална лига, Бошковиќ открива и проект кој веќе е договорен – регионално натпреварување за национални селекции до 17 години.
„Разговаравме многу и за младинските категории. Не сакавме да им создадеме дополнителни трошоци на клубовите, да им кажеме дека треба да играат и кадетска лига до 17 години со истите клубови. Затоа направивме поинаков модел. Формираме натпреварување со национални селекции до 17 години, во машка и во женска конкуренција. Проектот е договорен и треба да почне од октомври“, открива Бошковиќ.
Идејата е да учествуваат 12 национални федерации, а првите две сезони да бидат наменети за генерацијата 2010 и помлади.
„Во сезоните 2026/27 и 2027/28 треба да играат играчи родени 2010 година и помлади. По две години ќе се смени генерацијата. Целта е да се обезбеди квалитетно натпреварување за младите, но и да се намалат трошоците. Наместо клубовите да патуваат постојано, ќе се играат турнири. Секоја држава би организирала по еден турнир во својата група“, објаснува Бошковиќ.
Според него, ова е важен проект за развој на младите играчи во регионот.
„На тој начин младите ќе добијат повеќе меѓународни натпревари, федерациите ќе имаат подобар увид во развојот на генерациите, а регионот ќе добие посилна база на играчи. Тоа е многу важно, затоа што сите гледаме дека репрезентациите од регионот заостануваат зад најдобрите европски селекции. Ако сакаме тоа да се промени, мора да почнеме од младите“, вели Бошковиќ.
Женската регионална лига има уште поголема логика
Бошковиќ смета дека во женска конкуренција регионалното поврзување можеби има уште поголема логика, поради недостигот на силни национални првенства.
„Во женска конкуренција ситуацијата е малку поинаква. Поради недостигот на квалитетни национални натпреварувања, постои голем интерес, особено од Словенија и Хрватска. Моделот со десет клубови – по два од Словенија, Хрватска, Србија, Македонија и Црна Гора – би можел да биде многу добар. Таму регионалната лига може да донесе уште поголем квалитетен скок“, вели Бошковиќ.
Тој додава дека слични идеи постојат и во други делови на Европа.
„На европско ниво има повеќе идеи за регионални натпреварувања. Се зборува за Ибериска лига меѓу Шпанија и Португалија. Причината е јасна – постои дисбаланс во квалитетот. Во некои земји има еден или два многу силни клуба, а домашната лига не им дава доволно силни натпревари. Затоа регионалното поврзување се појавува како природно решение“, објаснува Бошковиќ.

Проект што треба да ја врати вредноста на ракометот во регионот
За Бошковиќ, регионалната лига не треба да се гледа само како комерцијален проект. Таа треба да биде развоен проект за клубовите, играчите и федерациите.
„Бенефитот не е само во парите. Да, важно е лигата да има спонзори и финансиска стабилност. Но, многу поважно е што клубовите преку ова натпреварување можат да развиваат играчи, да создаваат нова вредност, да добијат поголема видливост и да станат поконкурентни во Европа. Тоа е важно и за националните федерации, затоа што на крајот сите тие играчи треба да бидат дел од репрезентациите“, вели Бошковиќ.
Тој е свесен дека проектот нема да биде лесен, но смета дека регионот има доволно спортска традиција и потенцијал за да создаде натпреварување што ќе има тежина.
„Лигата прво мора да покаже дека е стабилна, дека вреди и дека може да се одржи. Ако го направи тоа, тогаш ќе дојдат и поголемите бенефити. Не може сè да се очекува на почетокот. Но, ако се постави правилно, ако федерациите, клубовите и ЕХФ стојат зад проектот, тогаш ова може да биде сериозна приказна за ракометот во регионот“, заклучува Бошковиќ.
Новата регионална лига, доколку проектот се реализира според најавите, би можела да биде нов обид ракометот на просторот на поранешна Југославија да добие натпреварување со квалитет, пазарна вредност и вистинска спортска тежина – не како замена за домашните првенства, туку како нивна надградба.
Горан Антевски
фото: Денис Дуковски























