Барса заработи од ЛШ колку за платата на Дика Мем!

Актуелниот европски шампион Барселона заработи 638.000 евра од настапот во Лигата на шампионите оваа сезона.

Вкупниот награден фонд во машката Лига на шампионите за сезоната 2025/26 изнесуваше 4,7 милиони евра, а најголемиот дел од колачот го доби токму каталонскиот гигант по освојувањето на титулата во Келн.

Тимот на Карлос Ортега заработил 338.000 евра уште пред завршниот турнир. Од нив, 140.000 евра се однесуваат на настапите во групната фаза, 130.000 евра за освоените 26 бодови (по 5.000 евра за секој бод), 20.000 евра за првото место во групата, уште 20.000 евра за победите во плеј-офот и 28.000 евра за двата триумфи над Нант во четвртфиналето.

На тоа се додадени и 300.000 евра како награда за освојувањето на европската круна.

Финалистот Фуксе Берлин ќе инкасира 529.000 евра, додека третопласираниот Магдебург ќе добие 473.000 евра.

Интересно е што сумата што ја заработи Барселона од европската сезона е приближно еднаква на годишната плата на капитенот Дика Мем, па дел од медиумите на шега коментираат дека наградата „едвај“ ќе биде доволна за платата на француската ѕвезда.