Иако Европската ракометна федерација треба на 22 јуни да ги објави екипите што добија вајлд-карти за новата сезона во Лигата на шампионите, сепак во Србија веројатно ја знаат одлуката на ЕХФ пред сите.
Српскиот првак Партизан, кој е меѓу шесте екипи од држави што немаат директно место во ЛШ, а побараа вајлд-карта и кој ќе биде предводен од Раул Гонзалез во новата сезона, ќе биде дел од од елитата, барем ако се суди според клупската објава.
За место во Лигата на шампионите, во трка е и македонскиот првак Вардар, како и словенечкиот Целје, исландскиот Валур, шведскиот Кристијанштад и швајцарскиот Криенс Луцерн.
Во Лигата на шампионите ќе играат 24 екипи – шест групи по четири екипи, а веќе се познати десет учесници според ранкингот на федерациите. Магдебург, Барселона, ПСЖ, Алборг, Келце, Веспрем, Динамо Букурешт, Спортинг Лисабон, Загреб и Колстад.
Уште едно место му следува на победникот на Лигата на Европа, германскиот Мелсунген, додека местото за победникот во Лигата на шампионите, ќе оди во вајлд-карти, со оглед на тоа што Барселона го обезбеди своето место преку домашното првенство.
Осум вајлд-карти ќе одат кај клубовите од државите со ТОП 10 рејтинг – Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка, а максимум по две екипи од држава може да аплицираат за апгрејд.
Со оглед што Германија веќе ги има Магдебург и Мелсунген, а можат максимум три екипи од држава да играат во ЛШ, па една вајлд-карта ќе оди кај Фуксе Берлин. За останатите седум (односно девет) вајлд-карти конкурираат данските Архус и ГОГ Гудме, француските Нант и Монпелје, унгарските ПИК Сегед и Татабања, норвешкиот Елверум, португалскиот Порто и полската Висла Плоцк.

ЕХФ откри: 27 клуба се пријавија за Лигата на шампионите – Вардар има пет конкуренти!























