ЕХФ откри: 27 клуба се пријавија за Лигата на шампионите – Вардар има пет конкуренти!

Европската ракометна федерација објави дека 17 клубови се во трка по 14 места во Лигата на шампионите, а ги потврди сигурните десет екипи што ќе бидат дел од елитната конкуренција. Македонскиот првак Вардар нема директно место во најсилното европско клупско натпреварување, но аплицираше за вајлд-карта и многу веројатно според сите најави ќе ја добие од ЕХФ.

Има пет конкуренти за тоа – словенечкиот Целје, исландскиот Валур, шведскиот Кристијанштад, швајцарскиот Криенс Луцерн и српскиот Партизан. Од овие шест екипи, четири ќе добијат вајлд-карти, а аутсајдери се Валур и Кристијанштад.

На 21 јуни ќе бидат потврдени оние екипи што ќе бидат дел од новото издание на Лигата на шампионите, додека ждрепката е на 26 јуни.

Во Лигата на шампионите ќе играат 24 екипи – шест групи по четири екипи, а веќе се познати десет учесници според ранкингот на федерациите. Магдебург, Барселона, ПСЖ, Алборг, Келце, Веспрем, Динамо Букурешт, Спортинг Лисабон, Загреб и Колстад.

Уште едно му следува на победникот на Лигата на Европа, германскиот Мелсунген, додека местото за победникот во Лигата на шампионите, ќе оди во вајлд-карти, со оглед на тоа што Барселона го обезбеди своето место преку домашното првенство.

Осум вајлд-карти ќе одат кај клубовите од државите со ТОП 10 рејтинг – Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка, а максимум по две екипи од држава може да аплицираат за апгрејд.

Со оглед што Германија веќе ги има Магдебург и Мелсунген, а можат максимум три екипи од држава да играат во ЛШ, па една вајлд-карта ќе оди кај Фуксе Берлин. За останатите седум (односно девет) вајлд-карти конкурираат данските Архус и ГОГ Гудме, француските Нант и Монпелје, унгарските ПИК Сегед и Татабања, норвешкиот Елверум, португалскиот Порто и полската Висла Плоцк.