Пред два дена заврши сезоната 2025/26 во Лигата на шампионите, а во Виена оваа недела ќе бидат дефинирани контурите на елитното натпреварување за претстојната 2026/27 сезона. Македонскиот првак Вардар нема директно место во најсилното европско клупско натпреварување, но аплицираше за вајлд-карта и многу веројатно според сите најави ќе ја добие од ЕХФ.
Европската куќа на ракометот денеска или утре ќе ги потврди тимовите што се пријавени за новата сезона, а до петок и оние што ќе бидат дел од новото издание на Лигата на шампионите, додека ждрепката е на 26 јуни.
Во Лигата на шампионите ќе играат 24 екипи – шест групи по четири екипи, а веќе се познати десет учесници според ранкингот на федерациите. Магдебург, Барселона, ПСЖ, Алборг, Келце, Веспрем, Динамо Букурешт, Спортинг Лисабон, Загреб и Колстад.
Уште едно му следува на победникот на Лигата на Европа, германскиот Мелсунген, додека местото за победникот во Лигата на шампионите, ќе оди во вајлд-карти, со оглед на тоа што Барселона го обезбеди своето место преку домашното првенство.
Осум вајлд-карти ќе одат кај клубовите од државите со ТОП 10 рејтинг – Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка, а максимум по две екипи од држава може да аплицираат за апгрејд.
Со оглед што Германија веќе ги има Магдебург и Мелсунген, а можат максимум три екипи од држава да играат во ЛШ, па една вајлд-карта ќе оди кај Фуксе Берлин. Сигурни за новата сезона се уште ПИК Сегед, Нант, Монпелје, Висла Плоцк, Архус (ГОГ Гудме), Елверум (Драмен) и доколку се имаат пријавено кај вицепрваците на Шпанија (Ла Риоха) или Португалија (Порто)…
Остануваат уште шест слободни места, а од нив две се во рацете на ЕХФ кои може да ги додели на клубови надвор од Европа, додека четири места следуваат за шампионите на земјите надвор од ТОП 10 меѓу кои е и македонскиот првак Вардар.
Покрај онаа апликација на Вардар, досега потврдени се апликациите на словенечкиот Целје и шведскиот Кристијанштад, српскиот првак Партизан, а со швајцарскиот првак Криенс Луцерн и евентуално исландскиот шампион Валур, за кои не е познато дали се пријавиле за ЛШ и тука веќе затвора кругот на екипите што се во конкуренција за настап во новата сезона. Јасно е дека двократниот европски првак Вардар во ваква конкуренција е „веќе виден“ во групите од најсилното клупско натпреварување, па во Скопје во новата сезона ќе има најмалку три елитни клубови што ќе гостуваат во СЦ „Јане Сандански“.























