Илиевски ги собра репрезентативците: Македонија стартува со подготовки зa ЕП

Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија денеска ги започна подготовките за настапот на претстојното Европско првенство.

Како што информираше Ракометна федерација на Македонија, со собирот на избраниците на селекторот Игор Илиевски стартуваше подготвителниот циклус за континенталниот шампионат.

Во наредниот период младинците тренажниот процес ќе го реализираат во СЦ „Јане Сандански“, каде ќе ја темпираат формата пред настапот на Европското првенство.

Како дел од подготовките, Македонија ќе одигра и четири контролни натпревари против репрезентации кои исто така ќе бидат дел од летните репрезентативни активности.

Првиот тест ќе биде против Саудиска Арабија на 26 јуни, потоа со истата селекција ќе има дуел и на 28 јуни, по што следуваат дуелите со Грција на 2 јули и Италија на 5 јули.

Стручниот штаб ќе ги искористи овие натпревари за проверка на формата и дополнително воигрување на составот пред стартот на Европското првенство, каде Македонија ќе игра со Данска, Норвешка и Хрватска.