Повратникот во Супер лигата, Младост Богданци, продолжува да го гради тимот за новата сезона. По успешниот бараж и обезбедениот пласман во елитата, клубот постигна договор за продолжување на соработката со искусниот српски голман Живојин Илиќ.
Илиќ пристигна во Богданци пред само еден месец, но за кратко време успеа да стане еден од клучните играчи на тимот. Со своето искуство, сигурност и лидерски квалитети даде значаен придонес во остварувањето на главната цел, враќањето на Младост во Супер лигата.
Особено се истакна на бараж натпреварот против Струга, кога забележа дури 17 одбрани и беше еден од најзаслужните за победата и промоцијата на клубот во елитното друштво.
Претходно, Младост ја продолжи соработката и со тренерот Горан Андоновски, како и со левиот бек Даниел Андоновски. Први засилувања за новата сезона се Тодор Узунчев, кој доаѓа од Бутел Скопје, и Славе Јанковски, кој пристигнува од Радовиш.






















