Во интересно и возбудливо финале пред преполната Лансксес Арена во Келн, Барса го совлада Фуксе Берлин со резултат 37-34(20-16) и се врати на тронот во Лигата на шампионите по една година пауза. За Барса ова е 12 титула во новиот формат на Лигата на шампионите и останува најуспешниот тим во историјата на ова натпреварување.
Барса ја имаше воведната иницијатива и минимална предност, благодарените на промашените зицери на Берлин. Нилсен на почетокот имаше убава одбрана што го измести нишанот на „лисиците“, па тоа им донесе „плус два“ на шпанските ракометари во 7. минута. Барса во средината на првиот дел играше во германски ритам, со брза транзиција и напади кои траеја неколку секунди. Од „трчаницата“ на терен, поуспешни излегоа каталонските ракометари, па дополнија уште еден гол на нивната предност.
Фуксе Берлин имаше премногу промашени обиди во овој период за да може вистински да им парира на играчите на Барса, но за среќа на Германците, Барса им се реваншираше со технички грешки во нападите. Сепак резултатската разлика ја диктираа одбраните на голманите, кога Милосављев бранеше, лисиците намалуваа дел од негативата, а во периодите на блесок на Нилсен, Барса ја враќаше предноста, а разликата се движеше околу три голови.
Така беше до 21 минута кога Гомеш пресече едно додавање од Гидсел кон Ласе Андресен,па стрелаше прецизно на празниот гол на Берлин за четири голови предност. Нилсен во следниот напад имаше успешна интервенција и му овозможи на Јанц да ги постави највисоките 14-9, разлика Барса ја одржуваше од 22 минута до самиот финиш. Во последниот напад за Берлин пред паузата со звукот на сирената Гидсел ги постави конечните 20-16, четири голови предност за Барса.
Веднаш по паузата Фуксе Берлин успеа да врзе два гола во низа, но исклучувањето на Ласе Андерсен им ги наруши ритамот, па Барса бргу ја врати разликата од полувремето. Нилсен имаше неколку успешни интервенции кои Јанц и Фраде ги искористија за „плус шест“ за Барса, 25-19 во 38 минута.
Тоа беше знак за аларм на клупата на Берлин, па промената веднаш стигна на терен со пресинг одбрана, во која последниот збор го имаше Милосављев. Но неколку одбранети напади не го дадоа посакуваниот резултат, бидејќи и Нилсен на спротивната страна имаше свој ден.
Се врати 6-0 зоната на Фуксе Берлин, а тогаш започна да се топи разликата и точно на средина на второто полувреме се преполови на „минус три“.
Се обиде тренерот Кракау со уште еден бран пресинг одбрана, кој беше неуспешен. Затоа кога одбраната на Берлин се врати на линијата од 6 метри, Цикуша промаши удар од далечина па во 53. минута, Берлин се доближи на само два гола разлика.
Финишот на натпреварот го одблежаа и двата црвени картони на Фабрегас (Барса) и Дарј (Берлин) кои стартуваа на сличен начин на раката на противникот при шут кон голот.
Последните пет минути Барса имаше искуство и стабилност да ја одржи разликата од два погодока, пред се благодарение на одличната словенечка врска меѓу Јанц и Макуц. Фуксе Берлин имаше и напад за „минус еден“, но Цикуша пресече топка и ги реши сите дилеми околу новиот владетел со ракометниот европски клупски ракомет.
Фраде постигна 7 голови за Барса, Гомес го следеше со 6, а Јанц и Макуц со по 5. Кај Фуксе Берлин Гидсел постигна 8 голови, а Андерсен 7.
























